Премиерот Заев се сретна со претседателката на Советот на општина Нови Сад за екологија: Поддршка за заеднички проекти во заштитата на животната средина

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска се сретна со претседателката на Советот на општина Нови Сад за екологија и одборничка во општината, Ивана Вујасин, претставничка од Зелената партија за здрав начин на живот.

На средбата се споделени искуства за подигнувањето на јавната свест во областа на екологијата и  решавањето на прашања како што се чист воздух, почва, вода.

Исто така, констатирано е дека е од голема важност и размената на искуства во делот на заштитата на животната средина, како и регионалната соработка.

Премиерот Заев, на состанокот, даде поддршка за можни заеднички еколошки проекти на меѓу државно и меѓу општинско ниво, коишто би добиле и владина поддршка, со оглед дека Владата на Република Македонија е посветена на политики за чиста животна средина во интерес на граѓаните, како и кон задоволување на европските критериуми нотирани во поглавјето 27, што ќе се бара од земјава по отворањето пристапни преговори со ЕУ.

- Сите нови проекти, закони, одлуки, ги носиме низ почитување на еколошките стандарди, како и транспарентно, со одобрување на граѓаните. Очекуваме, нашите заложби за гасификација на Македонија, изградбата депонии за цврст отпад, мерките на среден и долг рок за заштита на воздухот, задолжителната примена еколошки филтри од страна на компаниите со помош и поддршка и од Владата, да дадат резултати во интерес на здрава и чиста животна средина и заштита на здравјето на граѓаните, рече на средбата премиерот Заев.