Владата на Република Македонија денеска ќе ја одржи редовната 72. седница

На дневниот ред на седницата, меѓу другото, ќе се најде информацијата за потребата за изградба на пливачки базени во Република Македонија, која пред министрите доаѓа како предлог на Агенцијата за млади и спорт, додека, пак, од Агенција за промоција и поддршка на туризмот, на денешната седница доаѓа на разгледување Предлог-програмата за изменување и дополнување на Програмата за промоција и поддршка на туризмот за 2018 година.

На оваа редовна 72 седница ќе биде разгледана и информацијата со анализа на рангот на Република Македонија кај индикаторот „Услови за прекугранично тргување” со предлог-мерки за подобрување на состојбите согласно препораките на извештајот Doing Business 2018 на Светска Банка.

Владата на РМ денеска на својата седница ќе расправа за предлог - законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, како предлог на Министерството за финансии, а на предлог на Министерството за економија на денешната седница ќе се разгледува предлог-законот за изменување на Законот за трговскитe друштва.

На денешната седница владата ќе се произнесе и во однос на информацијата за напредокот на проектот Изградба на заеднички железнички граничен премин со придружни содржини „Табановце“ помеѓу Република Македонија и Република Србија, за состојбата заклучно со мај 2018 година. 

Министерството за одбрана на владината седница денеска ќе ја презентира информацијата за преземање и распоредување на професионални војници со навршени 45 години возраст во органите на државната и локалната власт и во други државни органи. 

Од Министерството за труд и социјална политика за денешната седница се подготвени точките предлог-закон за спречување и заштита од дискриминација, како и информацијата за Ревидиран Оперативен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на труд за 2018 година.

На денешната седница Владата на РМ ќе ја разледа информацијата за реализација на активности за воведување дуално стручно образование во средните стручни училишта, како и информацијата за Меморандум за соработка за основање на Меѓународен институт за одржливи технологии на Југо-источна Европа, како предлог на Министерството за образование и наука.
На дневниот ред на денешната 72 седница на владата ќе биде разгледана и информацијата за прогресот и реализацијата на проектот „Надградба на објектите за царинење и инспекциски органи на граничниот премин Ќафасан,  и информацијата за степенот на реализација на Акцискиот план за спроведување на Стратегијата за конкурентност на македонската економија 2016-2020 година.

Редовната 72 седница на Владата на Република Македонија е планирано да започне во 12:00 часот.