Министерот Роберт Поповски и амбасадорот Гарет: Работиме заеднички на систем за комуникации во интерес на граѓаните како стандард за секоја идна влада

Министерот Роберт Поповски, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, и Неговата Екселенција, амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, господинот Чарлс Гарет, во Владата на Република Македонија денеска го потпишаа Меморандумот за  соработка меѓу Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска и Владата на Република Македонија за поддршка во креирањето и реализацијата на Стратегијата за комуникации со јавноста на Владата на Република Македонија.

Стратегијата има за цел да биде значаен прилог во градењето на високи стандарди и примена на најдобрите принципи и искуства во комуникациите, транспарентноста и отчетност на работата на владата. Со овој меморандум се официјализира соработката меѓу двете влади која започна уште со формирањето на актуелната Влада на РМ, и ќе трае и во наредните две години.

Министерот Поповски во обраќањето во оваа прилика истакна дека Влада на РМ постави нови стандарди во однос на комуникациите, транспарентноста и отчетноста, врз основа на  конструктивните препораките на новинарите, на стручната јавност, на граѓанските организации, како и врз основа на гласот на граѓаните, и презеде активности за да ја усоврш комуникацијата со јавноста, како чекор повеќе кон подобра, поодговорна и суштествена комуникација на Владата и на нејзините активности во полза на граѓаните на нашата земја.

„Се разбира за да одговориме на еден таков предизвик, со неопходната одговорност за висока професионална испорака на резултатите од преземените обврски, беше неопходно да формираме професионален сектор за комуникации за да се оствари ветената цел: Поголема транспарентност и отвореност на Владата на Република Македонија, како и редовна подготовка, следење и известување за јавните активности на премиерот Заев и на останатите членови на Владата“, нагласи министерот Поповски.

Тој потенциреаше дека кога беше формирана актуелната Влада на Република Македонија, таа се заложи својата работа да ја темели  на отворени, транспарентни, сигурни и ефикасни владини институции, кои комуницираат и соработуваат со граѓаните.

„Овие заложби и вредности не се еднаш за секогаш дадени. Не се догма, ниту пароли. Тие се засновани на отворена динамика и на постојано усовршување. Токму затоа денеска го потпишуваме овој меморандум кој предвидува соработка со една институција која претставува парадигма за врвна и доблесна комуникација со граѓаните - Сервисот за комуникации на Владата на Обединетото Кралство и Северна Ирска“, рече Поповски.

Министерот Поповски, задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност, во завршницата на своето обраќање нагласи дека заедничка цел на партнерите во реализацијата на овој меморандум е да се обезбедат комуникациски активности од светска класа кои ги поддржуваат приоритетите на владата креирани во име на интересите на граѓаните, како систем и стандарди за секоја идна влада.

Амбасадорот Чарлс Гарет, во име на Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, во своето обраќање на овој настан како особено значајна ја оцени соработката меѓу двете земји, и нагласи дека таа соработка ги одразува исклучително блиските и искрени пријателски односи меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство. Амбасадорот Гарет како посебно важна ја оцени посветеноста на Владата на РМ да созаде високи стандарди за комуникација на своите политики во интерес на граѓаните, и дека неговата земја во наредните две години ќе обезбеди програма со која искуството и експертизата на Сервисот за комуникации на Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, ќе им бидат пренесени на професионалците во Секторот за односи со јавноста во Владата на Република Македонија. Како што истакна амбасадорот Гарет „Ефикасната владина комуникација со граѓаните на кои таа им служи, е значајна за здравата демократија. Определбата на владата за зајакнување на демократијата често може да се мери преку нејзината посветеност за добра и отворена комуникација.“