Премиерот Груевски оствари средба со играчите и членовите на стручниот штаб на кошаркарската репрезентација на Македонија

 

С О О П Ш Т Е Н И Е

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (вторник, 20.09.2011 година) оствари средба со играчите и членовите на стручниот штаб на кошаркарската репрезентација на Македонија.

На средбата соговорниците разменија мислења и впечатоци за текот на европското првенство во кошарка и за позитивната атмосфера во Македонија која беше создадена како резултат на спортскиот успех.

Честитајќи им го големиот спортски триумф, премиерот Груевски ја истакна мудрата, пожртвувана и храбра игра на нашите кошаркари, како пример за исклучителен подвиг со кој се гордее целата нација.  Претседателот на Владата ја истакна благодарноста од нацијата до нашите кошаркари и членови на стручниот штаб, за создавањето на чувство на среќа и радоста која ја приредија, и големиот придонес во сплотувањето и обединетоста на сите граѓани на државата.

Членовите на кошаркарската репрезентација истакнаа дека нивниот резултат и триумф е триумф на сите граѓани на Република Македонија, кој придонесе за промоција на нашата земја во светот.

Премиерот Груевски ја изрази подготвеноста на Владата за понатамошната поддршка на спортот во Република Македонија, преку изградба на спортска инфраструктура, стипендирање на спортски таленти и понатамошна поддршка на националниот репрезентативен спорт.