Премиерот Заев со Федерика Могерини во Лондон: Европската Комисија останува целосно посветена во поддршката за нашата земја во новата фаза на реформите, како и за организирање успешен референдум

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, како дел од своите активности за време на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, оствари средба и со Високата претставничка за безбедност и надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини.
 
Нa средбата, на која присуствуваа и Заменик претседателот на Владата на Република Македонија, Бујар Османи, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, како и советниците на премиерот за европски прашања и надворешна политика Бојан Маричиќ и Дане Талески, премиерот Заев информираше за претстојните подготовки за организирање и за спроведување на референдумот за договорот со Република Грција.
 
Високата претставничка за безбедност и надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини ја искористи оваа можност и лично да му честита на премиерот Заев за одлуката на Европскиот Совет да одреди датум за отворање на преговорите во делот за поглавјата за членство во ЕУ, и уште еднаш ги истакна резултатите од реформските процеси и храбрата одлука за постигнување на договор со Грција.
 
Високата претставничка за безбедност и надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини истакна дека  Европската Комисија останува со целосна посветеност во поддршката за нашата земја во новата фаза на реформите, како и во поддршката за организирање успешен референдум во интерес на граѓаните на Република Македонија.