Премиерот Заев од НАТО Самитот во Брисел: Од денес, Македонија оди само напред, а граѓаните нижат уште еден голем успех. Честитам Македонија!

Денес, од НАТО Самитот во Брисел, Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, даде кратка изјава пред почетокот на работната програма. Во продолжение изјавата на премиерот Заев во целост. 
 
„Почитувани граѓани на Република Македонија, 
 
Од денеска, Македонија оди само напред, а граѓаните нижат уште еден голем успех. Честитам Македонија!
 
НАТО одлучи да ни биде врачена поканата да станеме 30-та членка на Алијансата.
 
Ја добивме поканата да станеме сојузник на најсилните земји членки во светот.
 
Ова е покана за полноправно членство во водечкиот сојуз за мир и безбедност на меѓународната сцена.
 
Дочекавме уште еден голем ден. Ги остваруваме нашите заеднички стратешки цели, нашите заеднички основи и надежи.
 
Да продолжиме да чекориме до следната голема одлука кога повторно ќе кажеме Да, за нашата иднина. Да, за македонската иднина.
 
Почитувани граѓани,
 
Ве повикувам во сабота на 14 јули, да прославиме заедно низ градовите во Македонија. 
 
Владата подготвува прослави во 15 градови, каде со домашна музика ќе си честитаме, затоа што ОДИМЕ НАПРЕД и затоа што Македонија влегува во НАТО и чекори кон Европската унија.“