Дескоска се сретна со Караџовски - АКМИС извештајот достапен за јавноста

Министерката за правда, проф. д-р Рената Дескоска, во Министерството за правда се сретна со претседателот на Судскиот совет на Република Македонија г. Зоран Караџовски.

Во фокусот на средбата беа претстојните реформи и имплементацијата на Стратегијата за реформи во правосудството 2017-2022 година.

На средбата беше разговарано за задачите кои стојат пред Министерството за правда и Судскиот совет во исполнувањето на европските стандарди за независно и ефикасно судство. Притоа, министерката Дескоска ја потенцираше одговорноста и важноста на улогата на Судскиот совет околу исполнувањето на обврските од заклучоците на министерскиот совет.

Министерката Дескоска истакна дека Судскиот совет треба да биде еден од клучните актери во градењето на професионален, независнен и кредибилен судски систем во државата, и да придонесе во градењето на правната држава во Република Македонија.

Дескоска го отвори прашањето за активностите на Судскиот совет околу наодите во АКМИС извештајот, кој беше изготвен по претходно барање на Министерството за правда минатата година, и го информираше Караџовски дека од денес извештајот ќе биде достапен за јавноста.