Mинистерот Манчевски: Македонија сигурно чекори напред, станува член на глобалното семејство

„Овие денови бевме сведоци на големи успеси. Се надевам дека сето тоа ќе се валоризира и на референдумот кој ќе биде на есен, на којшто граѓаните ќе си го кажат своето мислење и ќе потврдат дека Македонија многу брзо чекори напред“, рече синоќа во Струмица, Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, на големата граѓанска прослава „Одиме напред - Македонија во НАТО и ЕУ“.

Тој, во својата изјава додаде дека верува оти Македонија многу брзо ќе стане членка и на НАТО и на ЕУ.

„Со овој чекор“, како што изјави тој, „сите вековни страдања, и ризици за постоењето на државата, македонскиот јазик и народ, еднаш засекогаш ќе бидат затворени, а Македонија ќе стане член на глобалното семејство каде што припаѓаме и каде што ние ќе ги носиме одлуките“, изјави министерот Манчевски.