Царовска: Подготвен Национален акциски план за спроведување на Истанбулската конвенција

“Насилството врз жените и семејното насилство не е само женско, туку национално прашање, родовата еднаквост не е само прашање на фундаментални човекови права, туку и основа за просперитет и одржлив развој”.

Ова го рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на вчерашната јавна расправа за предлог акцискиот план за спроведување на Конвенцијата  на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство. Јавната расправа беше организирана од Клубот на пратенички на Собранието на Р. Македонија и Министерството за труд и социјална политика, а на која учествуваа и граѓански организации.

Министерката посочи дека ратификувањето на Истанбулската конвенција претставува револуционерен чекор во превенцијата и борбата против родово базираното насилство, но клучниот предизвик е доследната имплементација на обврските што се презедоа со прифаќањето на оваа конвенција.

„Сигурна сум дека сите заеднички, секој од нас ќе го даде максимумот за во наредните пет години  во секој регион да имаме минимум еден пакет на услуги за заштита и поддршка од сите форми на насилство врз жените, но и измени и усогласување на сите потребни закони во насока на заштита од родово базирано насилство“, истакна Царовска.

Националниот акциски план за спроведување на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство е стратешки документ на Владата. Со овој докумет се дефинираат активностите, кои институции се надлежни, но и временската рамка во која Конвенцијата треба да стане дел од законодавството.

Статистиките покажуваат дека најголем дел од жртвите на родово базирано и смејено насилство во Македонија се жени.