Премиерот Заев на манифестацијата Mostar Peace Connection: Промовираме како лидерите се издигнуваат над предрасудите, стануваат мостови, се поврзуваат, за доброто на граѓаните

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев присуствуваше на традиционалната манифестација во Мостар, Mostar Peace Connection, на којашто имаше свое обраќање како минатогодишен добитник на наградата „Мостарска повелба за мир“, за промоција на соработката, градењето мостови и поврзување меѓу луѓето во својата земја, Македонија, регионот и светот.

Премиерот Заев им честиташе на овогодинешните добитници на наградата, премиерот на Грција, Алексис Ципрас и на Црна Гора, Душко Марковиќ, посочи дека успесите на Македонија се должат на неговото храбро лидерство, но и на пријателската соработка во регионот и принципиелната поставеност на меѓународната заедница што резултираше со покана за пристапни преговори на нашата држава во НАТО и најава за датум за преговори со ЕУ во јуни 2019 година.Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев присуствуваше на традиционалната манифестација во Мостар, Mostar Peace Connection, на којашто имаше свое обраќање како минатогодишен добитник на наградата „Мостарска повелба за мир“, за промоција на соработката, градењето мостови и поврзување меѓу луѓето во својата земја, Македонија, регионот и светот.

Во обраќањето пред бројните присутни, сегашни и поранешни добитници на оваа значајна награда што се доделува симболично пред обновениот Стар мост во Мостар, лауреати, политичари, значајни личности кои дале придонес во промоцијата на мирот од БИХ, регионот и пошироко, пред бројните присутни премиерот Заев рече:

„Честитки мои драги пријатели Алексис и Душко! Честитки и за другите лауреати и добитници!

Во градот на победата на мирот над немирите, соживотот над поделбите, градот - мост на бројни, цврсти, светски пријателства, во убавиот Мостар, да се добие награда за придонес кон мирот, поврзувањето и меѓусебното почитување, „Мостарската повелба за мирот“ – тоа е огромна заслужена чест. Ќе додадам, и огромна одговорност, да се остане достоинствен претставник на овие вредности.

И да се биде дел од оваа значајна манифестација, драг Денис Звиздиќ, претседавач со Советот на министри на БИХ, почитувани организатори од Центарот за мир и мултиетничка соработка и почитувани граѓани на Мостар и на Босна и Херцеговина, е исто така огромна чест и огромна одговорност за сите нас кои сме присутни вечерва овде.

Заслужена чест е, затоа што промовираме како еден лидер може, треба и мора да се издигне над предрасудите, и самиот да стане мост, поврзувајќи се со други лидери кои им мислат добро на своите граѓани.

Никој сам не опстојал и сам не успеал. Човек на човек му е потребен, сосед на сосед, држава на држава. Тоа е светот, мотивирачки, охрабрувачки различности во едно, коишто се надополнуваат и на тој начин се развиваат и придонесуваат за развојот на другиот.

Ние, лидерите од регионот го направивме ова за што зборувам. Се поврзавме меѓусебно, покажавме достоинствена почит едни за други, завртевме грб на она што нè дели и го дофативме она што нè поврзува.

Тоа што нè поврзува е заедничката иднина на нашите граѓани, на регионот и на светот. Тоа што нè поврзува е потребата за стабилност, сигурност и безбедност, а со тоа и економски придобивки, за нашите граѓани и нашите држави.

Нашиот регион, ако е стабилен, безбеден и развиен, и Европа ќе биде стабилна, безбедна и развиена. Европа ако е стабилна, безбедна и развиена, ќе придонесува кон стабилен, безбеден и развиен свет.

Свет на мирот, свет на насмеани деца, на енергични млади луѓе кои живеат и работат во својата родна земја, свет на достоинствени граѓани - тоа е она што нè поврзува.

Драги пријатели,

Треба да се опстои на одлучноста да се бранат вредностите коишто ги споделуваме.

Откако ја добив наградата за мир лани, не сум поголем борец за мирот од тоа што бев. Но во себе, на посебен начин ја чувствувам одговорноста што ми ја доверивте, што покажавте верба во мене, токму во овој Мостар: да продолжам, со уште поголем ентузијазам, и уште поголема верба дека вреди да градам мостови, да развивам и поттикнувам пријателства и низ тие мостови и тие пријателства, да создавам иднина.

Низ овие мои заложби, со огромната поддршка од моите граѓани, со моите соработници во Владата на Република Македонија, со поддршката од пријателите од регионот, со вас кои сте тука и со оние кои не се овде, со пријателите од Европа и светот - мојата држава успеа да добие покана за почеток на пристапни преговори со НАТО и датум за почеток на преговори за членство во ЕУ во јуни 2019 година.

Ете пример како се може, само заедно и зошто се неопходни мостовите.

По мирната разврска на политичката криза, ние сме посветени кон должноста Владата да биде сервис на граѓаните и да ги реализира промените што ги избраа граѓаните.

Резултатот на тие промени се повисок животен стандард, економски просперитет, членство во Европската унија и на НАТО.

Затоа верувам дека нашите граѓани, заедно и сплотено ќе ја реализираат до крај својата визија, низ успешен референдум што пресвртно ќе влијае на подобрување на квалитетот на сечиј живот. 

Во постигнатото, благодарам што нè поддржавте пријатели!

Внесовме заедно нова енергија во регионот. Сплотуваме луѓе и држави. Регионот од бунар на конфликти, низ покажаното чесно и храбро лидерство го претворивме во извор на стабилност, безбедност и перспективи и за нас и за Европа на којашто сите припаѓаме.

И нашето присуство овде, пред овој обновен, Стар мост во Мостар, е завет. Ако пред овој мост одлучивме да оддадеме чест на мирот, пријателството, соработката, поврзувањето, тогаш да се потсетиме што гледаме во овој Стар мост. Не ги гледаме рушевините од болното минато, гледаме темели на здрава иднина.

За здрава иднина на нашите граѓани, за успешен евро-атлантски регион, за уште многу награди во придонесот кон светскиот мир – да продолжиме заедно!“, рече премиерот Заев во обраќањето на свечената манифестација Mostar Peace Connection што се одржа пред обновениот Стар мост во Мостар.

Претходно, премиерот Заев, заедно со организаторите од Центарот за мир и мултиетничка соработка, претседавачот со Советот на министри на БИХ, Денис Звиздиќ, како и со добитниците на наградата што ја доби премиерот Заев лани, „Мостарска повелба на мирот“, а годинава ја добија грчкиот премиер Ципрас и црногорскиот премиер Марковиќ, спушти цвеќе од Стариот мост, во Неретва, во знак на мир. 

Настанот што се реализираше во повеќе делови од Мостар, Стариот мост, Чаршијата, Џамијата, го одбележа богатство од различни етно елементи низ носии, храна, песни, меѓу коишто можеше да се слушнат и македонски песни.