Премиерот Заев на средбата со Мекеј, директор на Евро-атлантското партнерство во НАТО: Подготвени сме за организиран брз и ефикасен пристапен процес

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска ја прими делегацијата на НАТО предводена од Џејмс Мекеј, Директор на Евро-атлантско и глобално партнерство во одделот за политички и безбедносни прашања во штабот на НАТО во Брисел.

Премиерот Заев, ја прими делегацијата на НАТО заедно со Работниот комитет за интеграцијата на Република Македонија во НАТО со кој претседава Претседателот на Владата на РМ, во чиј состав се и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот на надворешни работи Никола Димитров (на оваа средба претставуван од државниот секретар во МНР, Виктор Димовски), министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за финансии Драган Тевдовски, министерката за правда Рената Дескоска, министерот за јавна администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски, националниот координатор на Република Македонија за НАТО Стево Пендаровски, и советникот за национална безбедност во кабинетот на премиерот Зоран Верушевски.

Работниот комитет за интеграција на Република Македонија во НАТО не беше во функција од 2008 година, а сега е активиран со полн капацитет. 

Премиерот Заев се осврна на актуелната политичка ситуација во земјата и ја презентираше подготвеноста на земјата со целосна посветеност и подготвеност да го започне пристапниот процес за членство во НАТО откако на НАТО самитот во Брисел земјата ја доби поканата.

Директорот на Евро-атлантско и глобално партнерство во одделот за политички и безбедносни прашања во штабот на НАТО Мекеј истакна дека неговата посета на нашата земја има за цел да испрати јасна и силна порака дека алијансата го означува стартот на пристапните разговори и дека во наредниот период на секои две до три недели, работни групи на НАТО во различен состав ќе ја посетуваат земјата и со националните тимови ќе ги усогласуваат неопходните политики и стандарди до конечното официјализирање на членството на земјата во НАТО.

Шеф на тимот на НАТО за пристапните разговори со нашата земја ќе биде Помошникот Генерален Секретар на НАТО, амбасадорот Алехандро Алваргонзалес, а една од главните причини за разговорите на ова високо ниво е желбата да биде организиран брз и ефикасен пристапен процес, соодветно на утврдената временска рамка.

Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев истакна дека целиот овој процес после добивањето на поканата во Брисел е дополнителна мотивација за институциите, за сите во јавната администрација и за граѓаните на земјата, за придонес во оваа фаза која не води поблиску до гарантираната безбедност и сигурност во друштвото на земјите членки и сојузници во НАТО, што отвора и перспективи за дополнителен економски развој на нашата земја.