Шекеринска: Потпишан договорот за набавка на чизми за секој припадник на Армијата на Република Македонија

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, од Воената академија ја информираше јавноста дека денеска е потпишан договорот за набавка на околу 7.200 пара чизми за секој припадник на Армијата, со што се забележува значителен напредок и во состојбата на личната опрема за секој македонски војник, подофицер и офицер.

„Денеска го потпишав договорот со кој што Армијата на Република Македонија ќе обезбеди нови војнички чизми буквално за секој нејзин припадник. Ваквата набавка на вкупна количина која што ќе оди буквално до секој војник во Армијата досега не е реализирана. Последен пат војнички чизми се набавени со договор во 2012 година, но и тогаш за помалку од половина од припадниците на Армијата на Република Македонија. Овој процес го почнавме на самиот старт на годината, низ транспарентна постапка, со технички дијалог со шанса за сите фирми да учествуваат. Договорот обезбедува припадниците на Армијата на Република Македонија веќе да не мора да велат дека ќе бидат армија во НАТО ама нема да имаат нови чизми. Денеска покажуваме дека членството во НАТО не ни е само политичка цел, туку дека членството во НАТО е и шанса македонската Армија да функционира подобро, а нејзините припадници да имаат подобри услови за работа“ рече министерката.

 

 

Набавката е во вкупна вредност од околу 650.000 евра и согласно правилата на огласот, целосната испорака треба да се реализира во рок од 90 дена - информираше министерката.

Шекеринска потсети дека годинава беа обезбедени 15 проценти зголемување на средствата за буџетот на одбраната, беа зголемени платите на сите припадници на Армијата на Република Македонија, и беа обезбедени пари за целосно почитување на колективните договори и целосна исплата на сите дневници за 24-часовни дежурства.

„Навистина задоволство да потврдам дека забележуваме напредок во делот кој што беше и најкритикуван во изминатиот период, а тоа е личната опрема на секој припадник на Армијата ана Република Македонија. Денеска покажуваме дека зборот е збор и кога се однесува за најосновните и најважни делови на опремата и на обезбедувањето на припадниците на Армијата на Република Македонија“ рече министерката.

Министерката Шекеринска во касарната „Гоце Делчев“ учествуваше на првиот академски час каде им посака успешен почеток на новата академиска година на питомците и студентите на Воената академија.