Одбележан големиот државен празник 11 Октомври, Денот на Народното востание во Прилеп: И оваа генерација има должност да преземе одговорност да биде дел од историјата што ќе се памети, што ќе биде инспирација и ќе се слави

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев придружуван од градоначалниците на општините Прилеп и Куманово, Илија Јовановски и Максим Димтриевски, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, пратеници во Собранието на Република Македонија заедно со граѓаните на Прилеп на заедничка прослава организирана од градовите Прилеп и Куманово го одбележаа големиот државен празник 11 Октомври, Денот на народното востание.

Во рамки на прославата се одржа виртуелна графичка презентација на востаничката епопеја на градот Прилеп, и импровизиран напад на три локации во градот Прилеп.

„Празнувањето на големите датуми, оддавањето чест на сите наши претходници вградени во државноста и во слободата на Република Македонија, е само еден дел од нашата должност кон нашето достојно минато. Но, патриотизмот не завршува тука. Нашиот патриотизам, идните генерации ќе го почитуваат само ако им дадеме повеќе причини за тоа. Патриотизам е да ја осигураме иднината на нашата земја и нашите деца. Tука да создадеме можности за нашите синови и ќерки - во Македонија. Тоа e патриотизам. И затоа и денеска можеме да кажеме дека сме повторно пред историски избор. Оваа генерација треба одлучно и храбро, и да го направи исчекорот за остварување на нашата стратешка цел во оваа фаза од нашата историја: Егзистенција за секого. Европски животен стандард. Осигурани граници. Безбедност. Стабилност. Признаен идентитет. Сето ова преку членството во НАТО, а потоа и членството во Европската Унија, истакна премиерот Заев во своето обраќање.

Пред присутните граѓани се обратија и градоначалниците на општините Прилеп и Куманово, Илија Јовановски и Максим Димитриевски кои ја пренесоа пораката дека за прв пат се случува ваков тип на заедничко прославување и дека треба да продолжиме и во иднина во европски дух да го славиме овој голем државен празник.

„11-ти Октомври е денот кога нашите храбри борци од Прилеп и Куманово го означија почетокот на НОБ во Македонија. Во Прилеп токму во оваа зграда, Участакот, полициска станица во тоа време во која нашите борци оттука ја испукаа првата пушка. Втората група во Затворот во Прилеп, а третата група ги пресече телефонските жици во тој дел од градот“, потсети градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јовановски кој додаде дека треба да продолжиме по стапките на борците од НОБ да ја изградиме Република Македонија како независна и просперитетна држава интегрирана во ЕУ и НАТО.

Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски го честиташе големиот празник 11 Октомври, Денот на Народното Востание за независна Република Македонија и порача дека прилепчани и кумановчани се вградени во современата историја на Република Македонија.

„Благодарејќи на тие генерации денеска живееме на ова парче земја коешто сите ние ја сакаме и веруваме во нејзината иднина. И затоа тие не обврзуваат таму кадешто тие застанаа да продолжиме сите ние заедно. Да го продолжиме процесот на европеизација на Македонија, земја вредна за достоинствен живот на сите граѓани.“ рече градоначалникот Димитриевски.

По завршувањето на официјалниот дел од настанот, премиерот Заев и градоначалниците Јовановски и Димитриевски ја посетија зградата Участакот во којашто пукнала првата пушка која го означила почетокот на Народно ослободителната борба на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија од фашистичката окупација.