Додевски: Комитетот на ООН за правата на лицата со попреченост препозна дека Република Македонија прави крупни позитивни промени за остварување на правата на овие лица

Претседателот на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост во Владата на Република Македонија, Спасе Додевски, денеска во својата изјава, информираше дека ова тело подготви акционен план за 2019-та година со точно дефинирани мерки и активности, кои ќе ја забрзаат имплементацијата на Конвенцијата на ООН.

Притоа Додевски истакна дека акциониот план е подготвен во соработка со организациите на лица со попреченост и дека двајца од членовите на Националното координативно тело се токму претставници на граѓанските здруженија. Во изјавата за медиумите, претседателот на ова тело меѓу другото рече:  

„Владата на Република Македонија одлучно и посветено останува и продолжува на определбите за унапредување на животот и развојот на лицата со попреченост, како и создавање услови за достоинствено нивно социјално и општествено вклучување на принципите на еднаквоста и недискриминацијата.

За таа цел, сакам да Ве информирам дека Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост при Владата на Република Македонија, на денешната одржана седница, меѓу другото, одлучуваше и за можностите за директно имплементирање на препораките од Комитетот на ООН за правата на лицата со попреченост, според начелата на Конвенцијата.

Имено, после учеството на македонската делегација на 20-та Сесија на Комитетот на ООН за правата на лицата со попреченост, од 9 до 11 септември 2018-та година, на која се објаснуваше и дискутираше по иницијалниот извештај на Република Македонија, за досега преземените активности, Комитетот ни ги достави заклучоците и препораките според кои треба државата да се движи кон имплементацијата на Конвенцијата.

Меѓу другото, на 20-тата Сесија во Женева беше потенцирано дека со промената на политичката гарнитура на власт во Република Македонија, евидентирани се крупни позитивни придвижувања кон остварување на правата на лицата со попреченост, посебно во делот на усогласување на националните механизми со членот 33 од Конвенцијата, деинституционализација на децата со попреченост, усогласување на анти – дискриминаторските политики, формирањето на Национално Координативно тело за имплементација на Конвенцијата во рамки на Владата на Република Македонија и во однос на други преземени мерки.

Со добивањето на овие препораки, Република Македонија конечно доби јасен и отворен патоказ кон постапките кои треба да ги преземе кон постигнување на еднаквоста и унапредување на животот на оваа група граѓани, а кој Националното координативно тело будно ќе ги следи и поттикнува.

Денеска, согласно постапката за подготвување на Предлог програмата на Владата на Република Македонија за 2019 година и насоките на Генералниот Секретаријат и Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Македонија, Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост при Владата на Република Македонија, преку номинираните членови во телото, на надлежните министерства им ги предложи препораките од Комитетот на ООН во вид на предлози кои пак треба да најдат место меѓу предлозите на министерствата кон прдло – годишната програма на Владата за 2019-та година.

Овие предлози препорачуваме министерствата да ги разгледаат во временски определен рок и да го информираат телото за предлозите кои би можеле да бидат вклопени кон годишната програма на Владата за 2019-та година, односно да информираат за оние предлози кои во моментов се реализираат преку актуелните нацрт – закони и оние кои би се реализирале на среден и долг рок.

Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост очекува ефективна и квалитетна соработка од сите чинители во процесот, со надеж дека министерствата ќе ги детектираат сите можности за вклучување на што поголем број од препораките како предлози кон предлог – годишната програма на Владата за 2019-та година.

Националното координативно тело активно ќе го следи овој процес, се до донесувањето на програмата на Владата за 2019-та година, за што повторно ќе ја информира јавноста за резултатите од постапката и своите следни чекори“.