Царовска: Со владините политики се подобрува родовата еднаквост

Владините политики за подобрување на нееднаквостите помеѓу жените и мажите се во вистинска насока, а државата прави сѐ во своја моќ за што повеќе жени да бидат вклучени на пазарот на труд, изјави министерката Мила Царовска на денешната презентација на Индексот за родова еднаквост во општините, изработен од невладината Реактор во соработака со УСАИД.

„Според деталите кои имав прилика да ги видам, 7 жени наспроти 10 мажи работат во општините каде што има градинки, а 4 жени наспроти 10 мажи во општините каде што нема. Токму ова ме радува и ми дава уште повеќе енергија да отвораме детски градинки во руралните средини и во општини каде што досега ги немаме. Ние како Влада веќе работиме на подобрување на оваа состојба со тоа што годината ќе ја завршиме со вкупно 24 новоотворени градинки. Од нив 11 се веќе отворени, а до крајот на 2018, планираме да отвориме уште 13. Истовремено го зајакнавме кадарот со 1.025 вработувања,  а ги подобруваме предучилишните програми“, изјави министерката Царовска.

Овој индекс, којшто за прв пат се изработува во Македонија, рече Царовска, ни дава основа за да можеме да видиме дали се движиме во вистинска насока со сите политики, но и обврска да го изработуваме секоја година. Истовремено, Министерството за труд и социјална политика со Европскиот институт изработува Национален родов индекс чии резултати наскоро ќе бидат достапни на јавноста.

Истражувањето за подготовка на индексот беше спроведено во сите 81 општина во Македонија, а беа анализирани  три главни области: родовиот јаз, соодветни услови и родово одговорна општина.

Освен, министерката Царовска, на презентацијата учествуваа и директорот на Канцеларијата на УСАИД за општ развој, Едвард Гозалес, како и директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.