Нова инвестиција на Стил Кон во Младо Нагоричане, вредна 3.5 милиони евра



Македонската компанија Стил Кон заедно со холандскиот партнер Герлико Груп денеска во кумановско Младо Нагоричане отвори нов современ погон за преработка на арматурно железо.

Инвестицијата е вредна 3,5 милиони евра и со неа се очекува да се отворат околу 100 нови работни места. За нејзината реализација се обезбедени и 750.000 евра грант од Владата на Кралството Холандија. Фабриката се простира на површина од 2.600 метри квадратни, а пласманот на арматурното железо е обезбеден за неколку проекти што ќе се реализираат во Македонија и во странство.


На свеченото пуштање во употреба присуствуваше и премиерот Никола Груевски кој изрази задоволство што по низата инвестиции што се случија изминатите два месецa во Македонија доаѓа уште една значајна инвестиција.

- Република Македонија се повеќе и повеќе добива на значење како привлечна бизнис-дестинација. Она што го правевме и во што вложувавме изминатиот период, односно промоцијата на земјата и подобрените услови за отворање и водење бизнис почнаа да даваат резултати, рече Груевски.
Реализацијата на ваквите инвестиции, додаде премиерот, претставува дополнително охрабрување за Владата за нејзин уште поголем ангажман за понатамошно подобрување на условите за водење бизнис во Македонија.

Според амбасадорката на Кралството Холандија Мариет Шурман, фабриката е уште еден пример за растечките врски меѓу холандските и македонските бизниси и потврда дека капиталот не препознава граници, народи и одалечености.

Генералниот менаџер на компанијата Бобан Тодоровски истакна дека со новата фабрика почнува ново поглавје во историјата на Стил Кон. Тој додаде дека владината проактивна политика овозможува ваквиот тип на инвестиции да стане реалност.

Компанијата работи од 2005 година, а со холандскиот партнер се заедно од мината година. Досега има работено на проекти во Србија, Словенија, Грција, Албанија, Косово, Германија и Африка. Производите кои поседуваат сертификат за квалитет, ги пласираат на домашниот и на странските пазари. Во 2008 година 98 отсто од производството е продадено во странство.