Средба на министерот Димовски со претставници на Агробизнис комората при ССК

Состојбите во земјоделскиот сектор,  поставените цели и роковите за нивно постигнување беа тема на денешниот состанок на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски со претставници на Агробизнис комората при Сојузот на стопански комори (ССК).

На состанокот беа разгледани предлозите во законската регулатива  и земјишната политика во правец на правилно искористување на земјишниот фонд. Министерот Димовски посочи дека расцепканоста на земјоделските имоти оневозможува зголемување на производството и конкурентноста на македонското земјоделство и примена на соодветни агротехнички мерки, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Димовски нагласил дека окрупнувањето на земјоделското земјиште е една од стратешките определби на Министерството за земјоделство со која во иднина треба да се надмине овој проблем. За таа цел се подготвуваат измени на постоечкиот Закон за земјоделско земјиште со кои треба да се надмине натамошното раситнување на земјиштето, а изготвена е и нацрт стратегија за окрупнување (комасација).

Во делот на мелничко пекарската индустрија се разговарало за можноста за воведување нумеричка евиденција на производството со што ќе се елиминираат неправилностите и значително ќе се намали сивата економија. Дел од темите на состанокот биле и состојбите во градинарското производство, средствата за заштита на растенијата, семињата и садниот материјал, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.