Стартува аплицирањето за проектот „Купи куќа, купи стан“

Сите заинтересирани граѓани за учество во проектот „Купи куќа, купи стан“ од денеска може да поднесуваат барање до деловните банки. Поднесувањето барања ќе трае до 1 март по што ќе следи разгледување на апликациите, а првите кредити се очекуваат да бидат одобрени на почетокот на април годинава.

Барањата може да се поднесуваат до НЛБ Тутунска банка, Стопанска банка - Скопје, Охридска банка, Шпаркасе, Прокредит банка, Алфа банка, ТТК банка и Стопанска банка - Битола.

Кредит може да се подигне за нов стан, нова куќа и доградба на куќа. Кредитот е со максимален износ од 50.000 евра, а може да се избере меѓу двата модела. Првиот е половина рата и тој дава шанса Владата пет години да отплаќа половина од месечната рата од станбениот кредит на граѓаните. Вториот модел е половина учество, Владата ќе плаќа половина од учеството за да се добие станбен кредит. И кај двата модели каматната стапка е повластена, односно значително помала од пазарната. Во случајот на моделот половина рата каматната стапка ќе биде 4,99 проценти во првите три години, односно 5,5 проценти во четвртата и петтата година. Кај вториот модел каматната стапка е еуролибор плус 4,5 проценти и таа ќе биде за цело време на проектот.

Во проектот може да учестсвуваат сите граѓани, а предност ќе имаат оние кои пониски примања. Услов е примањата на кредитобарателите да биде до 900 евра месечно, а и цената на метар квадратен да не надминува 900 евра. Се планира да се доделат годинава 2.500 кредити. Доколку се појави поголем интерес може да се рагледа можност за зголемување на средствата.

Владата и банкарите очекуваат голем интерес, но се очекува и да се мотивира изградба на станови и намалување на цената на недвижностите.

За подобро информирање на заинтересираните граѓани, Министерството за финансии од утре почнува караван во сите поголеми градови во Македонија, со цел граѓаните да бидат максимално информирани за сите аспекти на проекти и на најлесен начин да можат да ја искористат шансата.