Енергетските проекти ми се најголем приоритет, министерот Сарачини за „Капитал“

Неодамна бевте во посета во Истанбул. Која беше целта и има ли некои конкретни договори по посетата? Колку е Македонија интересна за турските компании и кои сектори имаат најголем потенцијал да привлечат турски инвестиции?

На покана на министерот за економија на Република Турција, Зафер Чаглајан, бев во дводневна посета на Република Турција. Со него разговаравме за инвестициските проекти и поволности, со цел анимирање на турските компании своите деловни планови да ги реализираат во Македонија. Ги претставив актуелните економски проекти, со посебен акцент на енергетските и на туристичките проекти, кои се дел од програмата на Владата на Република Македонија, како и реформите во бизнис-климата, кои ја прават земјата атрактивна за инвестирање. Од аспект на туризмот пак, на мојот турски колега му предложив креирање производ наменет само за турските туристи, под името „Посетете ја родната земја на Кемал Ататурк и видете седум чуда за седум дена“. Добив ветување од него дека многу брзо турските инвестиции ќе го достигнат нивото од 500 милиони американски долари.

За време на посетата на Истанбул се сретнав и со министерот за трговија и царина, Хајати Јазиџи, со кого разговаравме за продлабочување на трговската соработка меѓу двете земји, при што беше спомената подготвеноста на Турција за зголемување на трговската размена меѓу нашите две земји, која е планирана да достигне една милијарда долари.

На мое големо задоволство, остварив средба и со претставниците на двете големи деловни здруженија, Стопанската комора на Истанбул (ИТО) и Независната индустриска и бизнис-асоцијација на Турција (МУСИДА). Станува збор за бројни асоцијации, а претставниците на турските деловни субјекти по моето излагање и претставување на поволностите за инвестирање изразија интерес за зголемување на деловната соработка со македонските компании, но и за влез на турски инвестиции во Република Македонија. Имено, Стопанската комора на Истанбул е моќна институција со 350.000 членки, чиј годишен извоз на стоки и услуги надминува 74 милијарди американски долари и е активен член на Меѓународната бизнис-заедница, додека Независната индустриска и бизнис-асоцијација на Турција (МУСИДА) со 28 претставништва низ Република Турција со 3.000 компании-членки.

Имав неформални средби и со менаџери на неколку големи турски концерни, а меѓу позначајните ќе ја споменам средбата со еден од најбогатите бизнисмени, Ахмет Чалик, кој го изгради главниот град на Туркменистан од бел мермер, а се занимава со енергетика, минерални суровини, медиуми, градежништво. Тој најави наскоро посета на Македонија, а неговиот интерес е насочен најмногу во Прилепскиот регион, кој е најбогат со бел мермер и со отворање фабрика за негова преработка, како и за енергетските проекти, банкарството и за инвестирање во зоните. Компанијата Груп импекс пак, изрази конкретен интерес за инвестирање во енергетиката, посебно за концесиите за искористување на хидропотенцијалот.

Инаку, најинтересни сектори за инвестирање за нив се производството на делови за автомобилската индустрија, енергетиката, инфраструктурата, туризмот, особено во најавените слободни туристички зони.

Каква година ќе биде 2012 година на економски план? Кои ќе бидат најголемите предизвици со кои ќе се соочи македонската економија?

Во нормални услови на стопанисување, позитивниот резултат од 2011 година ќе значеше солидна основа за понатомошни позитивни остварувања на македонската економија и остварување на планираната стапка на пораст на БДП од 4,5%. Меѓутоа, интензивните промени во негативна насока што се најавуваат во светската економија веројатно ќе имаат одраз во насока на остварување помал пораст на БДП од планираниот.

Бидејќи е речиси целосно отворена, македонската економија во текот на 2012 година ќе биде изложена на очекуваните турбуленции во светската, а со тоа и во европската економија. Најрелевантните меѓународни институции предвидуваат нова рецесија во светската економија. Тоа би значело намалување на светската побарувачка на стоки и услуги. Истовремено, тоа ќе доведе и до намалување на цените на некои од најважните берзански производи, како што се текстилот, металите и сл. Во такви услови, може да се очекува намалување на вкупниот извоз на стоки и услуги од Република Македонија, што најверојатно, ќе има неповолни влијанија врз обемот на индустриското производство, а со тоа и врз помалиот од планираниот пораст на бруто-домашниот производ. Поради таквите очекувани екстерни случувања, за економијата на Република Македонија ќе биде голем успех остварувањето позитивен резултат и тоа колку поголем, толку подобро, односно да излезе од вртлогот на новата светска рецесија што е можно помалку повредена.

Изминатиов месец беше актуелен проблемот коj го предизвика Макпетрол со едностраното и незаконско стопирање на снабдувањето со гас. Зошто е конфликтот на релација Влада-Макпетрол и што прави Владата за да не се случи повторно вакво самоволие, кое им предизвика големи штети на македонските компании?

Согласно Законот за енергетика, вршителите на регулираните енергетски дејности се должни да ги исполнуваат обврските за обезбедување јавна услуга и треба да обезбедат сигурна, квалитетна и непрекината испорака на енергија и енергенси на потрошувачите. Согласно информациите од Макпетрол Пром гас дооел Скопје, произлегува дека прекинувањето со испорака на природен гас е поради различните ставови меѓу Регулаторната комисија за енергетика и Пром гас дооел по прашањето на примената на тарифниот систем за продажба на природен гас на тарифни потрошувачи, со кој се создава негативна финансиска состојба во определен период.

Регулаторната комисија за енергетика го следи функционирањето на енергетските пазари, па доколку утврди неправилности, донесува одлука со која се забранува определено однесување на вршител на енергетска дејност или се наложува преземање соодветни мерки. Во таа насока, Регулаторната комисија за енергетика ја донесе одлуката за забрана на прекинувањето на снабдување со природен гас на тарифните потрошувачи приклучени на системот за пренос на природен гас од страна на Макпетрол Пром гас и едновремено пристапи кон изменување и дополнување на тарифниот систем за продажба на природен гас на тарифни потрошувачи.

Регулаторната комисија за енергетика активно работи на подзаконските акти од областа на природниот гас кои се предвидени со Законот за енергетика и планира истите да ги донесе заклучно со јуни 2012 година. Стапувањето на сила на подзаконските акти значи либерализација на пазарот на природен гас, односно можност потрошувачите на природен гас самостојно да изберат свој снабдувач со природен гас.

Во надлежност на Министерството за економија е и тендерот Чебрен и Галиште, кој според сите најави, уште еднаш ќе пропадне. Што е проблемот и зошто се дозволува неколкупати да пропаѓа тендер за толку важни проекти?

Реализацијата на овој проект, како од економски, така и од енергетски аспект е од големо значење за Република Македонија. Со работата на каскадата ХЕЦ Чебрен, ХЕЦ Галиште и ХЕЦ Тиквеш во енергетскиот систем на Република Македонија ќе се добијат дополнително 1200 GWh произведена електрична енергија, со што ќе се зголеми производството на електрична енергија од хидроелектраните, додека вкупното производство на електрична енергија во Република Македонија ќе се зголеми за 25%.

Енергетските проекти спаѓаат во групата најголеми инфраструктурни проекти во државата и за изградба на истите е потребен подолг временски период, односно потребно е преземање бројни активности. Ова е случај и со реализацијата на проектот Чебрен и Галиште. Во овие активности спаѓаат изработка на потребна техничка документација, студии за исплатливост, подготовка на тендерска документација, објавување меѓународни јавни повици итн. Поради комплексноста на овој проект, потребно е познавање од повеќе области и поради ова е формирана комисија од повеќе надлежни министерства и институции. Со оглед на тоа што станува збор, како што реков, за доста сложен проект и за обемни понуди, евалуацијата на доставените понуди сè уште е во тек. По нејзиното завршување, комисијата до Владата ќе достави извештај од евалуацијата и предлог-одлука за избор на најповолен понудувач.

ММФ предвидува дека извозот на Македонија годинава ќе порасне само за 1,4%. Кои се прогнозите на Владата и на Министерството за тоа како ќе се движи извозот и во кои сектори се очекуваат поголеми падови?

Логични се очекувањата за поскромен пораст на извозот во 2012 година од причините што претходно ги споменав. Проекциите за растот на извозот во тековната година се базираат пред сè на очекувањата во движењето на светската економија и поврзани се со проекциите на странската побарувачка и светските цени, очекуваните инвестиции од странство и реализацијата на предвидените инвестиции на државата.

Имено, неизвесноста со разрешувањето на должничката криза во еврозоната и нејзиното влијание врз растот на Европската унија, како наш најзначаен трговски партнер, создаваат неизвесност за движењето на побарувачката на стоки за извоз и за флуктуацијата на светските цени. Македонскиот извоз е фокусиран кон ЕУ-земјите со 60,7% и кон ЦЕФТА-земјите од 27,8% (заклучно со ноември 2011 година). Остварен е раст во извозот од 33,9% во ЕУ-земјите, а увозот од ЕУ е со раст од 34,4%. Во однос на регионот (ЦЕФТА-земјите), растот е 21,3% во извозот, а 27,8% во увозот споредено со ноември минатата година. Република Македонија постојано го следи остварениот раст и проекциите за растот на глобалната економија, но и последиците од кризата во еврозоната, како што се финансиската нестабилност и потребата од фискална консолидација како врвни приоритети за најголем број земји на ЕУ и на Југоисточна Европа.

За илустрација, најновите ревидирани проекции за растот на БДП во европските земји се 1,6% за 2011 и 0,6% за 2012 година. Проекциите за растот на БДП кај петте наши најзначајни партнери од еврозоната се: Германија 2,2% (2011) и 0,8% (2012), Бугарија 2,2% (2011) и 2,3% (2012), Италија 0,5% (2011) и 0,1% (2012), Велика Британија 0,7% (2011) и 0,6% (2012) и Грција -5,5%(2011) и -2,8% (2012). Нашите проекции за наредниот период упатуваат на изгледи за послаб раст на домашната економија до крајот на годината и помал раст на извозот, но сепак, поради подобрите остварувања од почетокот на годината, се очекува растот на извозот во 2011 година да се задржи на нивото од над 30% (номинален раст) и 5,5%-6% (реален раст), при што би сакал да потсетам дека номиналниот раст на извозот за 2011 година беше проектиран на 21,8%. Нашите проекции, пак, за растот на извозот за 2012 година се 12% (номинален) и 3% (реален раст).

Според последните статистички податоци, заклучно со месец ноември 2011 година остварен е номинален раст на извозот од 35,6%. Истовремено, растот на извозот во физички обем изнесува 4%. Номинален раст на извозот е остварен во сите сектори и тоа најмногу кај машините и кај траспортните уреди (127,4%), кај хемиските производи (107,1%), кај животинските масла (64,8%) и кај минералните горива (41,6%). Номиналниот раст на извозот во првиот квартал беше 40,2%, во вториот 49,1%, во третиот 24,5% и во првите два месеци од четвртиот квартал 30,2%. Како резултат на послабата странска побарувачка и послабиот раст на цените на главните извозни производи на светските берзи, во третиот и во првите два месеци од четвртиот квартал се забележува забавена динамика на раст на извозот (24,5%), што е речиси двојно помалку од остварениот раст во првите два квартали (45,0%). Помал раст на извозот беше остварен во најзначајните сектори. Водечкиот извозен сектор, металната индустрија, од 36,9% во првото полугодие беше забавен на раст од 19,8% во третиот квартал и раст од 5,6% во првите два месеци од четвртиот квартал. Вториот извозен сектор, разни готови производи (облека), кој во првото полугодие забележа раст од 18,7%, во третиот квартал забележа пад од 4,1%, а во првите два месеци од четвртиот квартал висок раст од 67,6%. Растот на извозот на секторот хемиски производи од 188,2% (прво полугодие) во третиот квартал беше намален на 95,3%, а во првите два месеци од четвртиот квартал 12,3%. Повисоки стапки на раст во втората половина од годината остварија единствено секторот пијалаци и тутун и секторот суровини, освен горивото.Значи, растот на извозот ќе биде забавен речиси во сите сектори, евентуален пад на извозот може да се очекува во секторот разни готови производи и секторот минерални горива, но не станува збор за очекувања за некои поголеми падови.

Дали и какви мерки се планираат за да им се помогне на извозните индустрии кои најмногу ќе бидат погодени од кризата?

Владата на Република Македонија изготви 50-ина мерки кои се пред сè насочени кон подобрување на условите за добивање кредити, на условите за регистрација на бизнисите, на добивањето градежни дозволи, на извршувањето на договорите, на солвентноста на компаниите. Станува збор за продолжување на реформите со кои ќе се подобрува состојбата во земјата и на тој начин ќе се прави заштита од кризата во еврозоната, бидејќи само на тој начин можеме да ги подобриме состојбите во стопанството и да се избориме со европската криза како наш најголем предизвик.Тоа се мерки и активности кои ќе треба да се имплементираат во текот на 2012 година во делот на водење бизнис во 10 индикатори кои ги следи Светската банка, кои се направени во соработка со стопанските комори, односно со компаниите во Македонија и со државните институции од типот на Централниот регистар, Катастарот и сл. Очекуваме во првата половина од 2012 година сите тие педесетина нови мерки да почнат со реализација, а на компаниите да им се олесни работењето во насока на намалување на бројот на процедури за добивање разни лиценци, дозволи, одобренија за градба и слично и во насока на скратување на времетраењето што е потребно за фирмите да ги добијат потребните документи. Со вклучување на општините пак, дел од мерките ќе придонесат за намалување на трошоците, бенефит што ќе го почувствуваат граѓаните.Исто така, донесени се и мерки за поддршка на градежништвото и на индустријата преку засилени капитални инвестиции, а до крајот на јануари ќе биде доставено барање до Европската инвестициска банка за повлекување нови 100 милиони евра, имајќи ја предвид динамиката на искористеност на претходните 50 милиони, што ќе претставува значителна инфузија во ликвидноста на македонските мали и средни претпријатија.

Сега е актуелен проблемот со загубарот Тутунски комбинат-Прилеп. Зошто сметате дека најприфатливо решение за овој загубар е Владата да му ги отпише долговите? И тоа без никој да има одговорност за лошото работење?

Прашањето за Тутунски комбинат-Прилеп постојано е актуелно, речиси една деценија. И тоа е сосема логично ако се земе предвид колкаво е значењето на комбинатот за градот Прилеп, за прилепските тутунари, за вработените и воопшто, за Прилепскиот регион. Исто така, очекувано е да се слушнат и критики на сметка на одговорните кои го решавале горливото прашање на прилепскиот Тутунски комбинат. Основниот предизвик и за овој и за останатите загубари е наоѓање решение кое ќе се базира на здрава економска логика, а притоа ќе се погрижиме и за социјалната димензија.

Оттука, Владата е на ставот дека реформирањето на ТК Прилеп, како и на ОХИС, ЕМО и на Еурокомпозит треба да биде на начин за да се задржи основната дејност на друштвата, да се утврдат, да се изградат и да се имплементираат издржани деловни планови, да се зголеми надзорот над менаџментот, односно да се зајакне одговорноста и способноста на управувачките структури кои ќе се носат со предизвиците на тоа што значи откуп, обработка на висококвалитетен тутун и негова продажба на познати светски компании.

Владата на Република Македонија, покрај уделот што го има како сопственост и го остварува во име на Република Македонија, истовремено е и доверител, и тоа во најголем дел поради законските обврски за давачки. Притоа, секој доверител има потполно право да ги отпише и да не ги наплати своите побарувања, односно да донесе адекватни одлуки кои ги смета како најдобри. Но, наводите дека државата ги простува долговите, а истите се предизвикани од управувачките структури, навистина звучат непријатно и креираат состојба во која, реално, граѓаните би се запрашале како тоа може и смее да се толерира. Затоа, сакам да укажам дека државата не простува долг, туку води "лекс специјалис", законска постапка за да ги претвори побарувањата во влогови, односно во акции, со што се намалуваат нејзините побарувања на сметка на зголемување на сопственичкиот удел во компанијата, сè со цел да ја подобри финансиската состојба, дури и од чисто сметководствен аспект. И тоа се врши во постапка согласно посебен закон за конверзија, за кој одлучува Собранието, а носител на овие законски активности е Министерството за финансии.

Ајде да видиме и која е алтернативата?! Доколку државата тргне во наплата на тоа што ѝ го должи прилепскиот Тутунски комбинат, практички ќе се најде во позиција не само да не го наплати долгот во вкупниот износ, туку и ќе предизвика згаснување на главниот носител на оваа дејност во Прилепскиот регион. Логиката на реорганизација преку стечај е навистина интересна и можна и сè уште ја размислуваме како опција, но не пред да бидеме сигурни дека сè е направено во насока на наоѓање можност за овозможување успешно деловно работење на компанијата преку продажба на странски инвеститор.

Која е стратегијата на Владата со загубарите? Дали Владата како најголем акционер планира да ги продава или можеби да ја менува стратегијата, да го намали бројот на вработени?

Владата на Република Македонија е непоколеблива во одлуката сите загубари да ги продаде на заинтересиран инвеститор. Тоа е генерален принцип на однесување. Сè што правиме е насочено кон оваа цел. Во меѓувреме, работиме напорно на подобрување на финансиската состојба на компаниите, на намалување на загубите, се преземаат сите законски мерки против секој кој е под истрага или осомничен за криминал. Истовремено, сакаме да се санира опремата и да се унапредат технолошките процеси на производство и сето тоа да придонесе за да биде прифатлив аранжманот на продажба и тоа без компромис. Инсистираме на тоа инвеститорот да ја задржи основната дејност на овие друштва или барем, во поголем процент, доколку се одвива продажбата во делови и да ги задржи сите или најголем број од вработените, да ја обнови технолошката база и да ги пласира производите на странски пазари.Во моментов се одвива проценка на сите друштва, која ќе трае во следните месец и половина. Проценката ќе даде одговор на реалната вредност на друштвото и ќе предложи почетна цена на акциите. Владата на Република Македонија ќе ги утврди критериумите за продажба, при што сè уште стоиме цврсто на ставот дека основен услов е задржување на вработените во друштвата, како и можноста за продажба на сите или на дел од друштвата и во делови. Дури потоа ќе биде објавена продажбата, а процесот ќе се одвива согласно прописите за приватизација на државен капитал.

Кои ќе бидат главните проекти со кои планирате да се зафатите во текот на Вашиот мандат?

Енергетиката останува еден од моите приоритети. Како еден од најголемите и најзначајните проекти од енергетски, државен и економски аспект, секако, е веќе споменатиот Чебрен и Галиште. Успешната реализација на овој проект ќе доведе до нето-ефект за пораст на БДП за 2%. Покрај ова, би сакал да ги споменам и проектите за енергетска ефикасност, на кои веќе активно работиме, како и привлекувањето инвестиции во обновливите извори на енергија, бидејќи Македонија има огромни потенцијали во овој дел, но сè уште недоволно искористени.

Развојот на технолошко-индустриските зони и привлекувањето на што поголем број реномирани инвеститори во нив ќе остане на мојата листа со приоритети и во понатамошниот период, бидејќи тоа ќе придонесе и за регионален развој, но и за развој на целокупната економија, преку поголем извоз, особено на производи со висока додадена вредност, отворање нови работни места, нови технологии. Моја цел во идниот период ќе биде и зголемен девизен прилив од странските туристи преку развој на туризмот и промовирање на Македонија како атрактивна туристичка дестинација, односно пораст на учеството на туризмот во БДП за најмалку 5%, наместо досегашните 2%.

Што се однесува до секторите кои можат да обезбедат прилив на свеж капитал и да го зголемат бројот на вработувања, посебно внимание би сакал да обрнам на минералните суровини, па со цел да го олесниме влезот на нови инвестиции се зафативме со поедноставување на процедурите и изработка на нов софтвер кој на едно место ќе содржи целокупна база на податоци, вклучувајќи ги податоците за минералните суровини, кои досега беа дел од државните архиви на Скопје и Белград, која редовно ќе се дополнува и ќе го олесни процесот на издавање на лиценците неопходни за работа. Секако, поддршката на малите и на средните претпријатија преку програмите креирани за нив, континуираната соработка со бизнис-заедницата и поголемата соработка меѓу науката и бизнисот ќе останат на врвот на мојата агенда.

Извор: „Капитал“

Новинар: Биљана Здравковска-Стојчевска