Груевски: Создадовме независна и демократска држава, создадовме уникатен систем што е капитал за иднината

Од денеска па натаму сите ние во еден здив треба да речеме ова е нашата Македонија, ова е нашата победа. Тоа што го гледате околу себе е нашиот долг кон институциите на државата и кон делото на хероите со чија жртва е создадена оваа држава и тоа треба со гордост да го кажуваме.

Ова го потенцира премиерот Никола Груевски во обраќањето вечерва на плоштадот „Македонија“ по повод 20 годишнината од незавиноста на Македонија.

- Во овие 20 години создадовме независна и демократска држава. Поминавме низ бавна и мачна транзиција. Се спроведоа голем број суштински реформи. Видовме и добро и лошо, конфликти и помирувања. Но, она што го покажавме е дека со сите специфики успеавме да создадеме уникатен и функционален систем, достојни на почитување на различностите и толерантност. Дадовме примери на многу европски земји дека различните култури можат заедно, дека тоа е прашање на волја и избор. Тој систем сите секојдневно го градиме, но верувам дека ќе му помогне на секој граѓанин на Македонија да го пронајде своето вистинско место. Тој систем е најголемата придобивка на овие 20 години и огромен капитал за иднината, рече премиерот Груевски.

Нашата држава иако мала по површина, нагласи Груевски, има темел еднакво голем со секоја друга европска држава. Тој темел, рече, е храброста, решеноста и жртвата на генерации кои подарија се што имаа за својата држава.

- Денешниот празник е прослава на победата, победа на еден аманет пренесен од генерација на генерација како спомен што не смее да згасне, затоа што кога тогаш мора да се разгори. Денес низ пората Македонија поминува одлучноста на Сандански, визионерството на Делчев, саможртвата на Гули, посветеноста на Карев, безгрешноста на Груев, бескомпромисноста кон националните интереси на Ченто, Брашнаров, на сите оние дејци и јунаци од различна вера и нација кои придонесуваа за оваа слобода самостојност и незавиност, рече Груевски.

Во минатото Македонија даде великани, имиња кои ги изговараме со смирена благонаклоност и стравопочит. Македонија и сега, посочи, создава големи по душа и неповторливи херои подготвени за самопожртвување пред споменот или ликот на кои им симнуваме капа.

- Во утрешна слободна Македонија и преку неа ќе се здружат сите балкански народи, ние не сме согласни со тоа што вие и мислите на Македонија, ние неможеме да правиме политика, ниту да дозволиме други да прават политика со Македонија, ние нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме или да умреме и кога. Кога да се прави востание ќе реши народот. Нема да дозволиме да командувате од тука за да не внесете во игра на востание како што се обидовте. Но знајте ние не бараме покровители, а уште помалку господари. Труд и достоинство, тоа е силата со помош на која човек станува најголем при секоја иницијатива. Јас не сакам востание со луѓе што ќе ме напуштат при првиот неуспех. Сакам револуција со граѓани кадарни да ги понесат сите искушенија на една долготрајна борба каква поради жестоките политички услови ќе биде и нашата. Ова беа зборови кои татнеа низ епохите, кои се испреплетуваа во иницијативите, кои водеа и не делеа никого. Ова беа зборови на Гоце, Даме, Карев, Александар, војводи и револуционери кои не следат до денес и не потсетуваат на нивната саможртва и идеја во која веруваме, потсети претседателот на Владата на Република Македонија.

Да се биде свој на своето, истакна Груевски, е желба на секоја нација во светот.

- Слободно да се учи за сопствените вредности и историја, да се негува својата традиција и култура, е вредно за секоја и секаква жртва. Нашите ова гордо чувство го иаат спечалено со многу крв и мака, рече меѓу другото Груевски во обраќањето.

Појаснувајќи го неговиот концепт за Македонија, базиран на филозофијата на слободниот дух, правото на избор вербата во бога, тој истакна дека сме држава на слободни граѓани. Слободата, подвлече, подразбира инцијативност која мора да ја бараме во секој од нас, да ја развиваме и да ја ползуваме.

- Од нас и од никој друг зависи нашата иднина.Оваа голема независност, сувереност и самостојност на која денес и се поклонуваме е големо цивилизациско право кое ние го стекнавме. Ние треба да го надградиме. Дали ќе бидеме напредни прогресивни и силни од самите нас зависи, од никој друг. Јас сум силно убеден дека како нација и како генерација ќе ги достигнеме новите хоризонти, да ја достигнеме новата граница на нашето битисување, новото скалило. Ние сме слободни граѓани во слободна земја. Нашите одлуки сами ќе ги донесуваме. За нашата иднина сами одлучуваме. Не одлучува Белград, Софија или Цариград. Одлучуваат граѓаните на независна Република Македонија, беше дециден македонскиот премиер.

Кога веруваш ќе победиш, рече Груевски, победата во голема мера е и верба, негувај го системот на вредности, сакај ја и бори се за вистината и многу работи, трудот секогаш се вреднува. Може, продолжи тој, успехот нема да дојде веднаш, но ќе дојде биди сигурен во тоа.

- Бори се за место на светлите страници на историјата на својата нација. Тоа место се заслужува, тоа не е гарантирано за определени или посебни. Не, тоа е за оние што работат и оние што веруваат, подвлече премиерот.

Претседателот на Владата, Груевски ги повика сите да прифатат национално обединување околу одбрана на цивилизациското и природно право на име и идентитет.

- Ме прашуваат која е нашата политика за името. Ова е концептот за кој се залагаме, од ова не отстапуваме и бараме поддршка од сите од граѓаните на Македонија. Нема промена на Уставот, со цел промена на уставното име, а тоа е Република Македонија. Нема да прифатиме идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот национален идентитет, засебноста на македонската нација и македонскиот јазик. Нема да дозволиме кое било решение да биде прифатено од страна на политичари и поединци, Влада или Собрание, без претходно за тоа да се изјаснат македонските граѓани на референдум, а при тоа мнозинството на граѓаните кои ќе излезат на референдумот да се согласи со можното решение. Ајде сите да се обединеме околу ова. Ајде ова да бидат нашите црвени линии, повика вечерва премиерот Груевски, додавајќи оти обединети сме посилни и помоќни. Да ја сплотиме нашата енергија, продуктивно, рече тој, на градење цврсти врски помеѓу сите граѓани, на развивањето на соживотот, на промоција на вредностите, да се поврзиме во вербата за подобра иднина, за дела кои ќе говорат за нас самите, не сега не само во овој историски миг, туку кои ќе сведочат засекогаш за една нација која знаела кога треба да се застане силно во одбраната на нештата кои ја карактеризираат.

Премиерот Груевски нагласи дека денес го нуди концептот и платформата на политичко и национално обединување околу нештата кои со сигурност ќе не водат напред.

- Да се обединеме сите ние Македонците, Албанците, Турците, Власите, Ромите, Србите, Бошњаците, останатите христијаните, евреите, муслиманите... Сите без разлика на политичка, етничка, верска или национална припадност. Да се обединиме за развој, за прогрес, за заштита на она што природно ни припаѓа, за она што цивилизациски сме го стекнале и она што човештвото ни го дало, но за надградба на тоа. Да се обединиме околу идејата дека нашата држава може да напредува само доколку секој граѓанин има повисоко и поквалитетно образование и знаење во која и да е област, рече тој. Упати апел да не си поставуваме пречки, заради дневно политички интереси кога треба да се спроведуваат конкретни чекори, независно дали се тие воведување задолжително и бесплатно средно училиште, компјутер пред секој ученик, преведени и најквалитетни учебници од светот или кампања за поттик на знаењето или некоја изводлива идеја која било кому ќе му падне напамет во иднина, а која ќе придонесе во тој правец, вклучувајќи ги идеите на опозицијата и на сите граѓани.

Да се обединеме околу концептот дека на нашата нација и нашите граѓани, посочи Груевски, им се потребни мерки за развој на претприемачкиот дух и на иновативниот дух како предуслов за напредок на економијата на поединецот.

Според него, секоја идеја или мерка денеска или во иднината, без разлика кој ќе биде на власт, не треба да добива фабрикувани критики и препреки само заради ситни политички поени, независно дали таа мерка е овозможување на фирма да се формира за само четири часа или полесен пристап со пополнување кредити, давање стимулации за започнување бизнис или за нови применливи иновации или правење медиумска кампања за создавање ваква клима или било која друга остварлива идеја од било кој.

- Да го менуваме системот, ама и менталитетот. Да се обединиме околу енергијата за создавање подобра економија и повисоки стапки на економски раст, поголеми странски инвестиции, да помогнеме да се отворат работни места за нашите граѓани. Да се обединиме околу подоброто здравство модерни реконструирани болници, со модерна опрема, но и реформиран систем кој во центарот на вниманието ќе го стави пациентот, а не лекарот. На лекарот ќе му овозможи стимул да одговори на потребите на пациентот и да знае дека колку е подобар во тоа толку во иднина ќе биде подобро платен и почитуван, истакна премиерот.

Меѓу нас, констатира Груевски, може и треба да има разлики во идеологијата и во патиштата до целта, во методологијата за носење одлуки, може да има и политички разединувања за разни закони или одлуки кои ги определуваат, но, истакна, не смее да има поделби околу најважните прашања кои се од витално значење за граѓаните, за напредокот за нацијата, за државата.

По обраќањето на премиерот Никола Груевски, на плоштадот беше пуштена грандиозната фонтана со споменикот „Воин на коњ“. Беше изведена свечената песна „Македонија“ од 20-ина естрадни ѕвезди заедно со Хорот на МОБ, Македонската филхармонија и „Танец“. Прославата ќе биде заокружена со голем музички хепенинг на кој ќе настапат околу 90 пејачи или бендови од забавната и народната музика, кои ја одбележале музичката историја во изминатите 20 години.