Презентирани резултатите од проектот за намалување на смртноста кај мајките и новороденчињата: Родилиштата ќе бидат акредитирани да нудат услуги по европски стандарди и РСМ е на добар пат во однос на намалување на морталитетот на мајките

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев заедно со министерот за здравство, д-р Венко Филипче, директорката на ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство, д-р Викторија Јовановска, директорот на Клиничката болница во Тетово, д-р Флорин Бесими, директорот на Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи, Анте Попоски, претседателката на Комитетот за безбедно мајчинство, д-р Ана Данева Маркова, како и Соња Таневска, претставник на Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации во државата, денеска присуствуваа и се обратија на настан на којшто беа презентирани резултатите од заедничкиот проект на Владата, министерството за здравство и УНФПА, за намалување на смртноста кај мајките и новороденчињата.

Иницијативата за овој проект, како што рече и Премиерот Заев потекна пред една година, и оттогаш до сега се спроведуваа бројни активности во насока на подобрување на условите во родилиштата во земјата, како и кон намалување на смртноста на мајките и на новороденчињата.

„Во двете поголеми родилишта во државата, Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје и Клиничката болница во Тетово, обучени се 47 здравствени работници, како мултидисциплинарни тимови, кои пружаат ефективна грижа на мајките и на бебињата, пред, во текот и после породувањето. Неонатолозите во овие и во болницата во Чаир, преку практична работа со поддршка од реномирана меѓународна експертиза, во период од неколку недели добија клучни препораки за посоодветна грижа на новороденчињата, особено за предвреме родени бебиња. Понатаму, адаптирани се 15 протоколи за најчестите состојби кај мајката и новороденчето, пред, за време на породувањето и потоа. Во тек е нивна дистрибуција и брза обука на здравствените работници во 33 родилишта во нашата земја“, рече меѓу другото Премиерот Заев во своето обраќање пред присутните.

Проектот, чии што резултати беа презентирани денеска, како што додаде Премиерот Заев, е прв проект којшто се реализира во Република Северна Македонија на принципот „matching funds“. Средствата коишто ги одвои државата потоа беа дуплирани од страна на Фондот за население на Обединетите Нации, со што вкупниот буџет достигна до 5,7 милиони денари или околу 106 илјади американски долари.

Потенцирајќи дека здравјето на граѓаните е врвен приоритет во работењето на Владата на Република Северна Македонија, Премиерот Заев посочи дека сите чинители во државата треба да работат уште посветено и понапорно, со цел родилишта во нашата земја да бидат еднакви со родилиштата во високо развиените европски земји.

„Не случајно овој настан се случува денеска, на меѓународниот ден на жената. Жената е столб на семејството, а со тоа и столб на целото наше општество. Овој ден само не потсетува дека грижата за здравјето на жените е грижа за здравјето на нашите поколенија, грижа за здравјето на сите граѓани и дека таа грижа треба да биде континуирана и високо квалитетна. Во оваа насока, Владата на Република Северна Македонија го усвои Акцискиот план за сексуално и репродуктивно здравје, а усвоени се и клиничките упатства за најчестите причини за смртност кај мајките во текот на бременост и породување. Исто така, за жените коишто се во репродуктивен период, државата обезбедува бесплатни ПАП тестови“, заклучи Премиерот Заев.

„Соочени со системски проблеми“, како што посочи министерот за здравство д-р Венко Филипче, „го започнавме проектот и истиот даде резултати“.

Министерот Филипче истакна дека на Клиниката за Гинекологија и акушерство во 2017-та година починале 36 новороденчиња на 1000 живородени, додека лани - 24 на илјада живородени, што претставува пад за 30%.

„Дел од планот за унапредување на женското здравје и активностите кои ги спроведовме, а сакам денеска да ги потенцирам се: отворивме 3 центри за упатување на жени од сексуално насилство, за првпат обезбедивме бесплатни ортопедски градници, за жените коишто се оперирани од рак на дојка, почнуваме со набавка на 8 мамографи во вредност од 85 милиони денари, бесплатни прегледи и лабораториски анализи во текот на бременоста, бесплатно породување за жените кои се надвор од системот на задолжително здравствено осигурување и лица без документи за идентификација, фолна киселина за секоја бремена жена и така натаму“, рече министерот за здравство, д-р Венко Филипче.

Исто така, министерот Филипче додаде дека е изготвен план за поголема достапност на жените до гинеколошки здравствени услуги. Во таа насока, како што рече тој, специјалистите гинеколози од секундарно ниво на здравствена заштита ќе можат да пружаат услуги и како матични гинеколози во градовите каде што недостигаат гинеколози, односно Македонски Брод, Демир Хисар, Крушево и Пробиштип. Истовремено, ќе се активираат и мобилни гинеколошки амбуланти за руралните средини.

Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи, како што рече нејзиниот директор Анте Поповски, во изминатиов период направи силни напори, според кредибилна методологија да постави стандарди во родилиштата во земјата.

„За многу краток период, во следните неколку денови, стандардите ќе ги доставиме за усвојување до Владата на Република Северна Македонија и со тоа 21 породилиште во државава ќе биде акредитирано да дава квалитетна здравствена грижа и нега на сите мајки и новороденчиња согласно стандардите кои ги имаат европските установи’, рече меѓу другото Поповски.

Истакнувајќи дека намалувањето на смртноста на доенчињата е обврска на Република Северна Македонија и поради усогласување со целите за одржлив развој на Обединетите Нации, д-р Ана Данева Маркова, инаку претседателка на Комитетот за безбедно мајчинство, рече дека земјава бележи пад на морталитетот на новороденчињата, доенчиеата и на децата под 5 годишна возраст.

„За пример, во 2017-та перинаталната смртност била 14,8, додека во 2016-та 16,0 на илјада живородени бебиња. Доенечката смртност во 2017-та изнесувала 9,2, додека во 2016 11,9 на илјада живородени бебиња. Целите кои пред себе си ги постави Комитетот за безбедно мајчинство се да се зајакне системот на менаџмент и контрола на квалитетот на гинеколошко – акушерската дејност, пред се, преку прилагодување на сите упатства/протоколи на локално ниво, зајакнување на ефикасноста во примената на упатствата на медицина базирана на докази, како и зајакнување на капацитетите на здравствениот работници и воведување практики базирани на докази“, додаде д-р Данева Маркова.

Претставничката Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации во државата, Соња Таневска потенцираше дека во изминатите 50 години, колку што постои УНФПА, смртноста на бебињата е намалена за 50%. „Нашата цела е да ја избегнеме секоја смрт којашто може да се избегне“, заклучи Таневска со верба дека во интерес на жените, нивните бебиња, како и нивните семејства и натаму ќе продолжи соработката со Министерството за здравство, Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи и секако со Владата на Република Северна Македонија.