Чикаго не е цел сама по себе, министерот Попоски во интервју за Глас на Америка на македонски

Првиот човек на македонската дипломатија дојде на интервју во Гласот на Америка директно од средбата со американскиот заменик-државен секретар Вилијам Барнс. „САД остануваат посветени во поддршката на Република Македонија да влезе во НАТО“, рече Попоски, запрашан да ја резимира пораката од американска страна.

Па сепак, што опипливо може да очекува Македонија од САД во Чикаго?  Самиот премиер Никола Груевски во неодамнешно интервју оцени дека нема теоретска шанса за прием, а заменик-помошникот државен секретар Филип Рикер укажа на ставот на НАТО - прво да се реши спорот со името, па потоа членство.  Попоски одговара дека Македонија е попрво фокусирана на резултатот – земјата да стане членка - час поскоро, отколку на настанот – Самитот во Чикаго:

„Со самиот факт што САД имаат толку многу инвестирано во целиот наш регион и во интеграцијата на НАТО, автоматски, мотивацијата треба да биде на високо ниво.  Она што е реално на теренот е дека Чикаго не е самит што е фокусиран на проширувањето.  НАТО има стратешки одредници што треба да ги определи и во тој правец се насочени грото напори.  Она што е за нас значајно е дека исполнувањето на критериумите и заслуженото членство треба да се материјализираат час поскоро.  Затоа и инсистирам на тоа дека Чикаго не е цел сама по себе.  Нашата цел е да го промовираме фактот дека Република Македонија треба да стане земја-членка и тоа е во интерес на сите“.

Декларативно, надворешно-политичката стратегија на Македонија е дека очекува Грција да ја почитува одлуката на Меѓународниот суд на правдата и да не го блокира повторно приемот.  Но, што доколку Грција не го стори тоа?  Попоски коментира:

„Повторно би навлегле во домен на шпекулации.  Тоа што мислам дека е релевантно во овој контекст е дека Република Грција е членка на ОН.  Суд на ОН им донесено определена одлука и во таа одлука исто така го наведува поведението што се очекува за во иднина.  Од аспект на Република Македонија, не можеме да очекуваме априори дека Грција не би ја почитувала таа одлука и дека би одела свесно контра таква одлука“.

Меѓутоа, дали Македонија има план-Б за таквата евентуалност?

“Ние имаме само еден-единствен план, а тоа е да станеме земја-членка на НАТО“, дециден е Попоски.

Дали Македонија планира да оди на прием со кратенката БЈРМ на Самитот во Чикаго?

“Тоа е нешто што е предвидено со Времената спогодба.  Времената спогодба предвидува дека во организации во кои Грција е членка, а Република Македонија има аспирација да стане, според тие критериуми кои се предвидени во Времената спогодба, и онака како што е регулирано во рамки на ОН, нема никаква причина да наидеме на опструкција“, смета Попоски.

Прашањето за името се` уште е отворено.  Што е крајната цел на македонската надворешна политика за него: да го реши со компромис, да бара прием без решение, да ги напушти преговорите...

„Процесот на проширување традиционално бил комплициран.  Кого и да прашате, секој смета дека наидувал на тешки предизвици.  Нашите предизвици се многу специфични и факт е дека наидуваме на непринципиелни опструкции на тој пат.  Тоа што го преземаме како пристап, како принцип, е фактот дека сме целосно посветени да најдеме решение што ќе ни овозможи да станеме земја-членка на НАТО.  Во тоа сме сериозно посветени и навистина сакаме да се постигне решение што ќе ни овозможи да продолжиме понатаму.  Наша цел е Република Македонија да биде дел од тоа семејство, каде веќе е Република Грција и каде ќе може да се фокусираме на битните работи, односно стабилноста во регионот.  Ќе го затвориме тоа поглавје“, одговара Попоски.

Дали Македонија ќе мора да направи отстапка за решение?  Грчката страна тврди дека веќе го сторила тоа бидејќи прифаќа името да го содржи зборот Македонија, но со некаква одредница.  Попоски на ова возвраќа:

„Македонија има направено толку многу отстапки, во редица, што навистина е апсурдно да говориме за било каква отстапка од страна на Република Грција, кога ние во старт сме се откажале од работи како – менување на Устав, знаме, јасно изразување на никакво немање на територијални претензии, што е, повторувам, оној темел на таа грчка теза, со тоа што сме ги отстраниле сите оние ризици кои од нивна страна биле причина за да се аргументира тоа попречување.  Од тој аспект, не би можел да видам никава логика во тоа дека Република Грција со ваква изјава направила некаква отстапка, а ние не сме направиле.  Мислам дека ако ги ставите на една терезија отстапките од една и друга страна, дисбалансот е радикален“, вели Попоски.

Првиот македонски дипломат резонира дека Македонија придонесува и се однесува како земја-членка на НАТО, поради што и заклучува дека и` следува да ги ужива придобивките на НАТО.

Извор: Глас на Америка на македонски

Новинар: Ведран Андоновски