Од 30 април до 3 мај, уште три локации во центарот на Скопје за подигнување бесплатни билети за литургијата со Светиот Отец Папата Франциск

Координативното тело за организирање на посетата на Папата Франциск на Република Северна Македонија, ги информира сите граѓани кои сакаат на 7 мај да присуствуваат на централниот настан, света литургија на плоштадот „Македонија“ во Скопје, дека освен во католичките парохии во државата, бесплатни билети ќе можат да подигнат и од три дополнителни локации, и тоа:
- на улица „Македонија" кај Меморијалната куќа на Мајка Тереза;
- на излезот од ГТЦ спрема Плоштад „Македонија“; и
- на влезот од Старата Скопска чаршија (поранешна Стоковна куќа Мост)

Дрвените штандови поставени на наведените локации во Скопје ќе работат од 9:30 до 17:30 часот, почнувајќи од утре, 30 април до 3 мај, кога е и последниот ден за подигнување на бесплатните билети за учество на светата литургија. Штандовите ќе служат и како точки за информирање на граѓаните за посебните безбедносни и организациски правила.

Сите граѓани кои на 7 мај ќе се упатат кон плоштадот „Македонија“ за да учествуваат на литургијата на Светиот Отец Папата Франциск, треба да пристапат во својата зона преку влезот кој е одреден на бесплатниот билет. Билетот потребно е да се чува со себе сé до крајот на литургијата.

Освен правилата на однесување за време на светата литургија, на официјалната веб-страна www.papa.mk објавени се и посебните сообраќајни правила за движење на автомобили и пешаци низ центарот на Скопје, кои ќе важат за време на Апостолската посета на Папата.

7 мај е работен ден при што за сите државни и приватни капацитети ќе бидат обезбедени потребните услови за работа. Сите граѓани кои живеат или работат околу плоштадот „Македонија“ ќе имаат непречен пристап до своите живеалишта, односно места на работа, преку поминување на еден од одредените влезови. Важно е со себе да носат документ за идентификација. Внатре во зоната ќе имаат слободен пристап до сите локации, освен во затворената зона на самиот плоштад, за која е потребен билет за учество на литургијата. 

На 7 мај, користењето на автобусите на ЈСП на територија на Град Скопје и железничкиот сообраќај кон Скопје и надвор од Скопје, ќе биде бесплатно за сите граѓани кои со себе ќе имаат важечки документи за идентификација. Апелираме до сите граѓани кои живеат на територијата на Град Скопје, на 7 мај да го користат јавниот автобуски превоз при упатувањето кон своите работни места, како и до сите граѓани кои ќе патуваат кон Скопје тој ден, да го користат железничкиот превоз и да избегнуваат користење на автомобили.

Посебниот автобуски и железнички возен ред за 7.5.2019 наскоро ќе биде објавен на веб-страната на ЈСП www.jsp.com.mk, на веб-страната на Железници на Република Северна Македонија www.mzt.mk, на Град Скопје www.skopje.gov.mk, како и на официјалната веб-страна за посетата на Папата Фрациск www.papa.mk.

Сите паркинзи на ПОЦ (Општина Центар), ЈП Градски Паркинг и АДСПС во Градот Скопје ќе бидат бесплатни на 6.5.2019 година после 17 часот, како и на 7.5.2019 во текот на целиот ден.

Линк до мапа со посебните правила за движење на автомобили и пешаци за време на Апостолската посета на Папата Франциск на Република Северна Македонија на 7 мај 2019 год. : https://papa.mk/soobrakjaj/