Втор состанок на Комитетот за туризам при Владата на Република Македонија

Комитетот за туризам при Владата на Република Македонија, вчера попладне (петок, 07.10.2011 година) го одржа вториот состанок на кој се разгледуваше реализацијата на мерките за развојот и промоцијата на туризмот во државата.

Комитетот ја разгледа ревидираната Национална стратегија за развој на туризмот 2009-2013, со осврт на реализација на мерките од акцискиот оперативен план. Се донесоа заклучоци за почеток со реализација на повеќе мерки, меѓу кои и креирање на систем за прибирање на податоци од туристичка дејност, брендирање на македонскиот туризам и негова заштита на национално ниво, и проектот за СМС пораки за „добредојде“ при влез во Македонија со препорака за посета на некои интересни туристички знаменитости или дестинации.

Комитетот донесе заклучок со кој се укажа Министерството за транспорт и врски, во соработка со општините, во најбрз можен рок да изнајдат што повеќе локации кои би се намениле за изградба на хотели и сместувачки капацитети и би се понудиле на продажба.

Комитеот заклучи дека економските промотори на Република Македонија во странство, во следните 12 месеци треба да остварат најмалку 270 контакти со странски туристички оператори кои ќе ја нудат Македонија како туристичка дестинација во нивните понуди, од кои што се очекува најмалку 70 контакти да имаат резултат со реализација на туристички ангажман од странство во нашата земја.

Комитетот заклучи Министерството за економија да ги унапреди критериумите во Правилникот за категоризација на сместувачките капацитети, согласно европските стандарди со што би се подобрил квалитетот на  туристичка понуда и сместувањето на гостите, а исто така, Министерството треба да изработи и специјален Правилник за сместување во авто-камповите.

Министерството за економија и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот го информираа Комитетот за туризам за големиот број на информативни и промотивни материјали за туризмот во Република Македонија од кои дел се веќе изработени, а дел се во фаза на изработка, со чија што дистрибуција ќе се изврши промоција на туристичките можности на Македонија.