Министерот Бектеши на Македонскиот енергетски форум 2019: Работиме на повеќе полиња за поголема употреба на обновливи извори на енергија

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска учествуваше на четвртиот панел на тема „Енергетска транзиција преку обновливи извори и енергетска ефикасност“ во рамките на програмата на вториот ден на Македонскиот енергетски форум 2019.

„Одличен настан што се организира од страна на Владата, Амбасадата на САД, ЕСМ и ЗИП институтот. Ние како Влада во блиска соработка со Енергетската заедница веќе година и пол работиме околу имплементацијата на новата легислатива. Владата на Република Северна Македонија во рамките на Министерството за економија започна со подобрување на легислативата и можам да кажам дека големо внимание посветуваме на обновливите извори на енергија. Изработен е последниот нацрт закон заедно со Енергетска Заедница за енергетска ефикасност. Преку неколку програми им помагаме на универзитетите за оформување на технолошки паркови. Тие проекти се во тек. Во соработка со овие универзитети на програми посветени на новите технологии, односно технологии кои се нов тренд ќе нудиме можности за сите иноватори, експерти од енергетската област. Ќе објавиме нов повик за инсталација на 65 MW за фотоволтаици, имаме избран поинаков модел од минатото. Го заменивме моделот на субвенционирање и поддршка, од фидинг тарифи на премиум тарифи, модел кој го користат повеќето земји членки на ЕУ. Владата со Планот за економски развој, преку ФИТР излезе со мерки за поддршка на проекти кои ќе влијаат на намалување на загадувањето, нешто што се поклопува со обновливи извори на енергија“, рече во својата дискусија на панелот министерот Бектеши.

Министерот Бектеши додаде дека Владата на Република Северна Македонија преку образовниот систем во соработка со бизнис секторот ќе се насочи на креирање на кадри според потребите на пазарот на трудот што ќе придонесе и кон подигнување на продуктивноста во професии од енергетскиот сектор.

Директорот на Дистрибуција на електрична енергија ЕВН, Сашо Солтировски зборуваше за поврзување на образовниот систем и студентите со компаниите заради нивно практична усовршување, преку поврзување на ресурсите и искористување на целокупниот потенцијал на младите кадри на терен.

Покрај министерот Бектеши на темата „Нови технологии и обновливи извори во целокупното производство на електрична енергија по 2030 година“ дебатираа и Ристо Јаневски, директор за развој и стратешко планирање во ОКТА, Марко Топиќ, претседател на Европската платформа за технологија и иновации на фотоволтаиците и Лихие Луклеа, инженер за животна средина, директор на Оддел за отпадна вода и обработлива почва, ДХВМЕД од Израел.