Попоски за ИТАР-ТАСС: Македонија има посебен интерес за градење добри и пријателски односи со Русија

Република Македонија има посебен интерес за градење, унапредување и продлабочување на добри и пријателски односи со Руската Федерација, како релевантен фактор на меѓународната сцена, но и како докажан традиционален партнер, потенцира министерот за надворешни работи Никола Попоски во интервју за руската новинска агенција ИТАР-ТАСС.

Одговарајќи на новинарско прашање како ги оценува билатералните односи меѓу Република Македонија и Руската Федерација и во каква насока смета дека би требало да се развиваат, тој изразува задоволство што во континуитет се одржува и унапредува редовната комуникација и контактите меѓу претставниците на Владата на Република Македонија и на Владата на Руската Федерација. Попоски ги споменува и динамичниот развој и соработката меѓу двете земји во областа на културата, образованието, науката и туристичката размена, проследени со низа настани од заеднички проекти што беа реализирани во текот на изминатата година, надополнети и со потпишување на неколку меѓувладините договори, меѓу кои и за зајакната соработка меѓу министерствата за внатрешни работи на двете земји.

- Наш интерес е во претстојниот период да се фокусираме на интензивирање на економската соработка, на трговската размена и на привлекувањето на директни инвестиции од Русија во Македонија. И покрај неповолните светски економски трендови, сметаме дека постојат уште многу можности кои со заеднички напори и волја можат да го зголемат обемот на билатералните економски односи, вели шефот на македонската дипломатија. Тој очекува и во иднина да продолжи соработката и на меѓународен план, особено во рамките на ОН, по највиталните прашања кои се однесуваат на меѓународниот мир и развој, борбата против глобалниот тероризам, хуманитарни прашања и други прашања од глобален карактер.

Министерот Попоски истакна дека од особено значење беше минатогодишната посета на  Македонија на министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров.  Таа посета, подвлече, ја доживеавме како конкретен гест на пријателство, но и како влог за унапредување на заедничките цели за безбедност на регионот на Југоисточна Европа. Притоа, беше најавено, потсети, дека и Македонија ќе биде дел од стратешкиот проект на гасоводот „Јужен поток“, што за нас има посебно значење и очекуваме да придонесе во развојот на бројни индустриски гранки и енергетиката во целина.

- Искрено се надевам, дека во текот на оваа година ќе имаме можност да ја потпишеме новата програма за соработка меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји, а планираме и посети, вели во интервјуто Попоски.

На прашањето дали по работните посети на министрите за внатрешни работи и за транспорт и врски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески на Москва, е планирано уште некој од раководството на Република Македонија да престојува во официјална или работна посета на Русија, Попоски потенцира дека се очекува оваа година да се реализира посета на високо ниво на Москва, при што, освен политичките билатерални  прашања, детално би биле разгледани  можностите за унапредување на постојната економска соработка.

- Исто така, планираме и реализација на неколку министерски посети, при што би биле потпишани и договорите за отворање културно-информативни центри, за признавање на дипломите, како и за други  прашања и области од заемен интерес, појаснува шефот на македонската дипломатија.

Во однос на можноста за олеснување на визниот режим кон руските граѓани, министерот Попоски подвлекува дека заедничка цел и обврска е да работиме за олеснување на движењето на граѓаните од двете земји.

- Како корисна се покажа досегашната практика за укинување на визите во периодот март-октомври за граѓаните на Руската Федерација и за нивно влегување и транзитирање низ Република Македонија, при што очекуваме дека и Руската Федерација ќе изнајде начин како истата поволност да им се овозможи и на македонските граѓани. Меѓу двете земји на сила е Спогодбата за условите за заемни патувања на државјаните на Република Македонија и на Руската Федерација, при што доставивме и конкретни предлози до руската страна, за кои очекуваме одговор, рече Попоски.

Тој напоменува дека постојната Спогодба  за условите за заемни патувања, дава можност за патување без виза во Република Македонија на руските туристи во текот на целата година, само со презентирање на туристички ваучер и потврда за прифаќање на странски турист од организацијата која врши туристичка дејност. Секако, тука би ја споменал, вели, и можноста граѓаните на Русија, кои поседуваат Шенген-виза со повеќекратен влез,  слободно, без дополнителни обврски да ја посетуваат Република Македонија.

- Од наша страна постои и волја и заложби за олеснување на визниот режим, и подготвени сме да вложиме напори, во текот на оваа година да направиме дополнителен исчекор кон натамошно визно олеснување за граѓаните од двете земји, појаснува министерот за надворешни работи Никола Попоски во интервју за ИТАР-ТАСС.