Бектеши: Потрошувачот е регулатор на економскиот развој кој директно влијае врз конкурентноста на компаниите

Денеска во Инфо Центарот на Делегацијата на ЕУ се одржа Финалната конференција на ИПА - Проектот „Техничка поддршка за развој на политиките за заштита на потрошувачите“, на која беа претставени новиот предлог закон за заштита на потрошувачи и Стратегија за заштита на потрошувачи 2019-2023 година.

Министерот за економија Крешник Бектеши ги поздрави реализираните активности во рамки на проектот, истакнувајќи го значењето на заедничката политика за заштита на потрошувачите: „Република Северна Македонија се движи во насока на интегрирање во заедничката политика за заштита на потрошувачите и корисниците на производи и услуги, што е од посебен интерес на граѓаните. Целта на оваа заедничка политика е да обезбеди потрошувачите на Северна Македонија, исто како и потрошувачите на ЕУ да извлечат максимална корист од постоењето на внатрешниот пазар, да имаат право на слободен избор на стоки и услуги со најдобар квалитет и по најдобра можна цена“.

Според министерот за економија, главна цел на политиката за заштита на потрошувачите во Република Македонија е да се подобри квалитетот на животот на граѓаните и, согласно стратешката цел на ЕУ, да обезбеди сите граѓани да уживаат високи стандарди на заштита на потрошувачите. Како што објасни тој, заедничка карактеристика на сите современи демократски држави е заштита на интересите на економски послабите учесници, односно - ранливите категории на граѓани во деловните трансакции на пазарот. 
„Денес се смета дека потрошувачот е регулатор на економскиот развој кој директно влијае врз деловната политика на компаниите и ја промовира конкурентноста. Заради тоа, заштитата на потрошувачите е важен сегмент од внатрешниот пазар на нашата држава, што директно влијае врз неговото функционирање, односно развојот на деловните активности и економскиот раст“, истакна Бектеши.

Раководителот на Секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ Никола Бертолини, ја поздрави новата Стратегија за потрошувачи и изготвувањето на новиот предлог закон за потрошувачи и ја истакна важноста и комплексноста на Поглавјето 28 - заштита на потрошувачите и јавно здравје, кое има хоризонтална улога во креирање на внатрешен пазар или единствен пазар за сите учесници во смисла на прецизирање на одговорностите и надлежностите на институциите, економските оператори и граѓаните. Според Бертолини, правата на потрошувачите во ЕУ се регулираат со најмалку 19 директиви, поради што за нивното транспонирање, а уште повеќе имплементирање неопходно е зајакнување на институционалните капацитети, особено на инспекциските служби.

Петгодишната стратегијата за заштита на потрошувачите со акциски план, која беше презентирана од експертот за потрошувачки политики Борут Матковиќ, има за цел да ги поврати задоволството и довербата на потрошувачите, а со имплементацијата на европските стандарди за заштита на потрошувачите ќе се зголеми конкурентноста на македонската економија и ќе се олесни нејзиното вклучување на внатрешниот пазар, што треба да влијае на раст на економската активност во целина. Иницијативите предложени во Стратегијата меѓу другото ќе придонесат да се воспостави соодветна административна структура за развој и координација на оваа политика, да се зајакне независноста и репрезентативноста на здруженијата за заштита на потрошувачите, да се подобрат механизмите за поддршка на потрошувачите за решавање на нивните приговори, како и да се воспостави соодветен механизам за вонсудско решавање на потрошувачки спорови, и да се обезбедат адекватни услови за имплементација на политиките за безбедност на производи.

Една од иницијативите кои се резултат на анализата на пазарот е креирање на модерна законска рамка, преку новиот Закон за заштита на потрошувачи, кој, од една страна обезбедува високо ниво на заштита на правата за потрошувачите, а истовремено гарантира полесни услови за деловно работење. Имено, во домашното законодавство правата на потрошувачите за првпат се уредени со донесување на Законот за заштита на потрошувачите во 2000 година, кој поради потребата од поцелосно усогласување често се менувал и дополнувал. Новото предложено законско решение за заштита на потрошувачи, усогласено со новата и неодамна усвоена правна рамка (сет од директиви и регулативи) за заштита на потрошувачи на Европската Унија го претстави правниот експерт Јадранка Дабовиќ Анастасовска.

Новиот предлог законот за заштита на потрошувачите кој ги следи политиките на ЕУ претставува најважниот правен акт во областа на заштитата на потрошувачите и заштитата на животната средина, понатаму правата на потрошувачите, правата и обврските на здруженијата на потрошувачи, како и надлежностите на државната администрација за заштита на потрошувачите.