Квалитетно здравство

Владата на Република Северна Македонија ќе има за цел изградба на достапен, квалитетен и долгорочно-финансиски одржлив систем на здравствена заштита, со граѓаните во центарот на здравствениот систем и зајакнато чувство и одговорност на поединецот за сопственото здравје и здравјето на другите.

Преобемната административна работа на здравствените работници ќе се на мали, а грижата за пациентот ќе биде ставена во центарот на вниманието. Владата ќе предложи укинување на партиципацијата за болничко лекување. Здравствениот систем во Северна Македонија ќе се поврзе во интегриран информатички систем и ќе се воспостави мрежа на здравствени установи со целосна покриеност со амбуланти, посебно во приградските и руралните средини.

За да се спречи одливот на медицинскиот кадар од јавното здравство Владата ќе обезбеди нормални услови за нивно работење и повисоки плати. Со поголеми плати, поголеми шанси за специјализација и со подобрување на условите за нивно практицирање на медицината ќе направиме атмосфера во која што повеќе од лекарите ќе сакаат да останат во Северна Македонија.

Добра организација на здравствената дејност е онаа која дава предност на превентивната и примарната здравствена заштита. Во превентивната здравствена заштита Владата ќе се залага и ќе придонесе за: чување и унапредување на здравјето во подобрувањето на здравствената состојбата на населението, а особено на ранливите групи (деца, трудници, стари лица, хронично болни и хендикепирани лица); здравствената едукација за училишните деца заради усвојување на здрави стилови на живеење (соодветна исхрана, физичка активност, превенција на зависноста од тутун, алкохол и психоактивни супстанции, превенција на сексуално преносливите заболувања, ХИВ/СИДА и проблемите во врска со менталното здравје); широка експертска дебата за потребите и придобивките од вакцинацијата, заедно со набавка на висококвалитетни вакцини. Квалитетот, а не цената ќе биде клучен критериум; засилена контрола на актуелните заразни болести што се од значење за здравјето на населението; мерки и активности за намалување на морбидитетот, онеспособеноста и предвремениот морталитет предизвикани од најчестите хронични незаразни заболувања (кардио и цереброваскуларните заболувања, малигните заболувања и шеќерната болест), преку унапредување на здравјето со организирани активности од владата, здравствените установи, невладини организации и здруженија на граѓани; јакнење на капацитетите на стоматолошката здравствена заштита во системот; реално, а не само на хартија, спроведување на програмите за рано откривање на малигните заболувања, со цел да се дијагностицира во почетен стадиум.

Во примарната здравствена заштита Владата ќе работи на исполнување на следните цели и политики: обезбедување матичен гинеколог за секоја жена во Северна Македонија; матичните пациенти ќе се регистрираат на ординации, со определување на максимален број регистрирани пациенти по лекар и пропишана минимална загарантирана плата за секој дополнителен лекар; покачување на капитациониот бод на матичните доктори на 90 денари; воведување на медицинска мапа на сите постоечки здравствени установи во Северна Македонија и либерализирање на мрежата, односно одземање на правото на министерот да дава дозвола за отварање и на Фондот да одлучува дали ќе потпише договор со ординација која што ги има исполнето условите за работа согласно критериуми кои што ќе важат подеднакво за сите; формирање Фонд за финансирање на лекувањето во странство на деца до 18 години кој ќе мора итно да ги носи неопходните одлуки, ослободен од политички и министерски притисоци. Така лекувањето на децата во Северна Македонија нема да зависи од хуманоста на нејзините граѓани.

Во рамките на својата здравствена политика, Владата ќе основа нова самостојна јавна здравствена установа на итна медицинска помош, која ќе ги обедини сите служби на итна медицинска помош и ќе ги поврзува сите болници во Република Северна Македонија.

Владата веднаш ќе ги започне подготовките за воведување на бесплатно болничко лекување за сите здравствени осигуреници. Воедно, ќе се започне и постепен процес на зголемување на основната плата на сите здравствени работници. Основните плати на сите здравствени работници ќе бидат двојно зголемени до крајот на мандатот. До 2020 година платите на докторите специјалисти во терциерното здравство скалесто ќе се зголемуваат и ќе изнесуваат минимум 100.000 денари, односно 1.600 евра. „Мој термин“ ќе се замени со систем кој ќе гарантира брза и квалитетна здравствена заштита на секое ниво, со точно утврдени рокови и обврски. Новиот систем драстично ќе го намали времето за административни обврски на докторите.

Во делот на здравствените капацитети, Владата ќе работи на ставање во функција на центарот за третман на дијабетско стапало во рамките на Градската општа болница „8 Септември“; отворање на Детска општа болница во Скопје со Ургентен центар; отворање на центар за навремена дијагноза и третман на полово преносливи болести со мултидисциплинарен тим, со цел намалување на компликациите како што се стерилитет и малигни заболувања; почеток на реконструкција и опремување (вклучително и неопходен кадар) на општите и клиничките болници низ Северна Македонија со цел создавање универзитетски клиники во Тетово и Битола, како и реконструкција и опремување на соодветните здравствени домови поликлиники и амбуланти (Неготино, Чашка, Ранковце, Липково, Арачиново, Драчево, Лисиче, Чаир и Новаци). Владата ќе ги анализира можностите за основање на Национален кардиоваскуларен центар со регионална амбиција и перформанси.

Владата на Република Северна Македонија ќе ја обезбеди изградбата на нов, современ и функционален Универзитетски клинички центар во Скопје кој ќе гарантира високо квалитетна здравствени услуги на населението во целата држава и ќе го врати концептот на единствен Универзитетски клинички центар во кој клиниките ќе бидат функционално поврзани.

За да се зголеми бројот на специјалисти во државното здравство, ќе се воведе специјализација за најдобрите 10 студенти во секоја генерација и ќе се зголемат квотите на државните специјализации. Ќе дадеме предност на дефицитарните специјализации според потребите на здравствените установи и регионите. За време на специјализацијата на приватните специјализанти со плата и придонеси во висина на минимална гарантирана плата за општ лекар.

Во тесна соработка со здруженијата на родители за деца со ретки болести и посебни потреби Владата ќе предложи нови законски регулативи со кои ќе се овозможи грижата за оваа чувствителна категорија да биде посеопфатна, и посигурна.

Во делот на стоматологијата, Владата ќе иницира зголемување на капитацијата по пациент за матичните стоматолози и основни бесплатни стоматолошки пакети за деца до 18 години.

Владата ќе работи на надминување на состојбата со немање на лекови на рецепт после 15-ти во месецот и зголемена достапност на лекови. Ќе се воспостави систем кој ќе оневозможи злоупотреба на препишаните рецепти и фиктивно трошење на месечните квоти за набавка на лекови. Навремена набавка на инсулин за болните од дијабетес на годишно ниво ќе го спречи префрлувањето на пациентите од аналоген на хуман инсулин. Листата на лекови кои паѓаат на товар на ФЗОМ ќе се ревидира еднаш годишно, со внесување на нови лекови во истата и гарантирана застапеност на сите лекови од есенцијалната листа на лекови.

Владата ќе се залага барем еден вид на орална контрацепција да биде ставен на позитивната листа.

Владата ќе обезбеди субвенционирање на аптекарската дејност во руралните средини преку тригодишна исплата на дефинирана кирија за деловен простор, субвенцинирање на давачките за здравствено и пензиско осигурување во период од три години и надоместок за патни трошоци доколку фармацевтот живее на одалеченост поголема од 20 километри од аптеката.

Ќе се дефинира нова рамка за паралелниот увоз адекватна на неговата улога и функција, а во согласност со моделот кој се применува во земјите на ЕУ и ќе се воведе објективна, транспарентна и интернационално потврдена методологија за формирање на единствените цени на лековите во Република Северна Македонија.

При изборот на лекови и распишувањето на тендер за истите во телата ќе учествуваат и претставници од соодветните здруженија на граѓани од областа на здравствената заштита како и на клубовите и здруженија на болни (шеќерна болест, хемодијализа, хипертензија, карцином на дојка, ХИВ инфекција), како и на пациенти со ретки болести, пациенти од маргинализираните заедници и пациенти со посебни потреби. На тој начин, државата ќе биде контролирана токму од крајните корисници и ќе се обезбеди избор на квалитетни лекови и лекарски помагала, по најдобра можна цена.

Владата итно ќе подготви Акциски план за финансиска консолидација на јавните здравствени установи и предлог за користење на ресурсите на приватните болници, за услуги кои во моментов ги нема во јавното здравство, преку склучување на договори.