НАТО не е спринт, туку маратон, министерот за одбрана, Фатмир Бесими за Вечер

Нашите мировници, кои имаат висок степен на професионализам и интегритет, се нашиот најголем аргумент за прием во НАТО и за промовирање на Македонија како држава која инвестира во глобалниот мир. Ова е само еден од позитивните импулси кои министерот за одбрана Фатмир Бесими ги доби при неговата интензивна дипломатија и политичко лобирање за прием на нашата држава во Алијансата, наречена "Чикаго 2012". Министерот Бесими присуствуваше на молитвениот појадок во САД, беше во Пентагон, оствари посета на седиштето на НАТО во Брисел, учествуваше на Конференцијата за безбедност во Минхен, имаше бројни средби со свои колеги. Неколкудневната дипломатија ја заврши со работната посета на Белград, каде што разговараше за зајакнување на регионалната соработка, а денес престојува во официјална посета во Приштина

Тргнавте со голем ентузијазам, со какви впечатоци се вративте?
- Кога тргнав, тоа беше старт од една позиција кога веќе беше дефинирана агендата на НАТО во Чикаго и се знаеше дека тема на НАТО во оваа фаза нема да биде проширувањето. Но, ние решивме да ги вложиме сите напори да покренеме иницијатива, за приемот на Македонија да стане тема на претстојниот самит. Некој тоа би го нарекол невозможна мисија, но мојата поента во ова што го правиме е цело време да бидеме проактивни и да не се откажуваме или обесхрабруваме. Особено поради тоа што имаме што да покажеме. Македонија е еден од најкредибилните партнери во маѓународните мисии на Алијансата, на сите состаноци со НАТО-структурите слушам најпофални зборови токму за нашите мировници. Гледано по бројот на војници во мисии, ние сме една од државите кои имаат најголем број учесници во меѓународни мисии по глава на жител.

Какви се вашите лични впечатоци?
- Моите очекувања не беа дека ние со една посета ќе успееме да добиеме позитивен одговор и дека Македонија ќе стане тема на Самитот во Чикаго. Но, тоа што имавме намера да постигнеме во догледно време е да се сензибилизира темата, да стане актуелна и да покажеме дека наш стратешки приоритет е дека остануваме заинтересирани за партнерството. Не очекувам дека тоа лесно ќе се заврши, бидејќи тоа е тема која е отворена 20 години. Поентата е да се даде импулс на Самитот во Чикаго кој претставува средба на која ќе се зборува за реформите во НАТО. Сметам дека вреди да се вложат сите напори како во однос на реформите, така и во однос на презентирање на нашите заложби. Конкретно, јас не би можел да кажам со прецизност дали во ова фаза имаме одговор или промена на став, но тоа што би можел да кажам е дека имаме позитивни оценки во однос на напорите. Значи ова не е спринт, туку маратон кој мора да го завршиме, а за тоа треба трпение, посветеност и кондиција. Јас немам дилема дека ова што го правиме е подобро, отколку да не преземеме ништо. Напротив, сметам дека најголем ризик е да не се преземе ништо. И ова што го правиме е во интерес не само на Македонија туку и на регионот, интерес на НАТО за обезбедување на сигурност и стабилност во регионот. Но, тука би потенцирал дека дури и по сценарио да не бидеме примени, ние нема да ја ставиме под знак прашалник нашата определба туку, продолжуваме по истиот курсор бидејќи е тоа најдобрата алтернатива за цел регион. Значи, продолжуваме и понатаму, а тоа во наредниот период мора да резултира со наш прием во НАТО.

Има ли позитивен импулс, навестување дека на официјалната агенда на мајскиот состанок, приемот на Македонија ќе се најде на една од точките на дневен ред?
- Тоа што го добив како заедничка оцена од сите средби е поддршката на Република Македонија да стане членка на НАТО, со укажување доколку ние со Грција најдеме заедничко прифатливо решение би било возможно и во Чикаго да станеме членка на НАТО. Но, се зависи од релациите со Грција. Дали има нешто ново? Во овој дел јас би рекол дека тие со кои разговаравме ни ја даваат целосната поддршка и сметам дека ова што ние го правиме станува дел од темите од разговорите што се водат меѓу земјите-членки и на неформалните состаноци во однос на интересот што го покажува Македонија. Рано е да се даде оцена, а јас лично не би сакал да се створи слика дека сме веќе сигурна тема во Чикаго. Има уште многу да се работи и ние продолжуваме понатаму.
За појаснување на контекстот, би сакал да додадам дека Грција ги поддржува евро-атлантските интеграции во регионот и со нив треба да разговараме отворено и искрено со аргументи, дека Македонија со зачленувањето во Алијансата само ќе придонесе за поголема стабилност на регионот.

Најавивте дека овој месец ќе остварите средба со грчкиот министер за одбрана?
- Во октомври лани, во Анталија - Турција за време на една меѓународна конференција јас имав билатерална средба со мојот грчки колега од минатиот состав. Таму ја договоривме средбата која треба да се случи во заедничката бригада на ЈИЕ во Лариса каде што командата е под РМ. Тоа е еден одличен пример како функционираме. Оваа иницијатива продолжи и со актуелниот министер за одбрана кој исто така покажа спремност и сега ги усогласуваме агендите од кои зависи дали ќе се сретнеме во февруари или март.

Споменавте дека ќе работите на зајакнување на регионалната соработка. Значи ли тоа дека ќе ја засилите и воената дипломатија, со оглед на тоа дека во соседните земји немаме одбранбени аташеа, а нема ниту воени претставници во Русија и Кина кои пак се глобални, геополитички играчи?
- Оваа година ќе дефинираме поактивен пристап и поголемо покривање на повеќе земји со поефикасно распределување на расположливите ресурси и тоа ќе се одвива преку резидентни и нерезидентни воени аташеа, како билатерално така и мултилатерално. Мултилатерално, како што е мисијата во НАТО, а ќе имаме и нов претставник во ОН каде во иднина очекуваме зголемување на бројот на мировни мисии. Понатаму, ќе има претставници во земјите-членки на НАТО, Советот за безбедност и во земјите каде што имаме интерес во делот на одбраната. Би сакал да напоменам дека ќе ја засилиме комуникацијата меѓу цивилната и воената дипломатија.

Кога сме кај геополитиката и геостратегијата, ја следиме ситуацијата на Блискиот исток и Азија. Можен ли е евентуален воен ангажман на АРМ во Сирија или Иран?
- Македонија во овие мисии го има најголемиот кредибилитет и според мојот концепт, таму кај што имаш најголем кредибилитет вреди да се вложува. Нашите мировници кои имаат висок степен на професионализам и интегритет се нашиот најголем аргумент за прием во НАТО и за промовирање на Македонија како држава која инвестира во глобалниот мир. Но, каде ќе присуствуваме во иднина ќе зависи од тоа како Алијансата ќе ги постави целите на глобално ниво. Ние како земја која веќе сме дел од тој процес ќе го дадеме својот придонес зависно од расположливите капацитети. Воедно гледаме да учествуваме и во мисиите на Обединетите нации каде можеме да го дадеме својот придонес за глобален мир. Јас уште на првиот ден на моето доаѓање во ова министерство реков дека Македонија од увозник, стана најголем извозник на мирот, а тоа е една квалитетна заслуга која треба да се вреднува.

Првите борбени униформи кои се најавуваа уште од 2007 година конечно ги облекоа војниците, кои во јануари заминаа на мисија во Авганистан. Кога ќе се унифицира целата армија?
- Подигањето на стандардот на војниците е еден од главните приоритети за што ќе се залагам во текот на мојот мандат, а униформите се дел од напорите за подобрување на имиџот на армијата. Јас сум задоволен што успеавме новата маскирна униформа да ја промовираме со четата која на почетокот на годинава ја испративме во Авганистан. Новите униформи за целата војска ќе бидат готови до 18 август денот кога ја одбележуваме 20-годишнината од формирањето на АРМ. Освен тоа, во склоп на прославата на големиот јубилеј ние подготвуваме голем број активности кои ќе почнат на 19 февруари со свечен концерт, а ќе завршат на 18 август со голема церемонија и свечена парада.

Врвен економист во одбрана. Ветивте, но и беше за очекување дека ќе работите на зголемување на буџетот во одбраната кој сега изнесува 1.3% од БДП. Ќе ги достигнеме ли НАТО-стандардите каде посакуваниот процент е 2% од БДП?
- Според нашите долгорочни проекции 2% БДП ќе достигнеме до 2020 година. Во моментов тој изнесува 1,3 како последица од трендот на намалување на буџетот кој не е само кај нас, туку и во многу други земји-членки на НАТО. Ние оваа година, за прв пат после толку време успеавме тој тренд на намалување да го прекинеме и буџетот за одбрана да го зголемиме за 9% и тоа во моментот кога вкупниот буџет порасна само 5% .

Вие сте најмладиот министер за одбрана во Европа, а втор во светот? Како ја доживувате титулата?
- Голема чест, но истовремено и голем предизвик беше моето назначување за министер за одбрана. Во Министерството за економија бев на свое и тоа не ми беше никаков проблем. Но, општ впечаток е дека министерот за одбрана треба да биде повозрасен и реакциите од првите средби со моите колеги се обично во таа насока. За мене тоа е уште поголема одговорност бидејќи на маса седнувам со луѓе кои се многу искусни во оваа област и разговараме за многу сериозни и сензибилни прашања. Тоа ми е уште еден аргумент повеќе и поттик овој ангажман да го сметам за многу вреден и голем предизвик.

Задоволни ли сте од ефектите што ги постигнувате од позиција министер за одбрана?
- Краток е периодот за да се оценуваат резултатите. Успеавме во овој период да ја обезбедиме новата униформа за четата во мисијата во Авганистан и имавме зголемување на буџетот за одбрана за 9% во период кога други земји од регионот и земји-членки на НАТО продолжија со намалување на своите буџети за одбрана. Има промени кои ги правиме и кои во наредниот период ќе се почувствуваат уште повеќе. Мои три главни цели се евроатланската интеграција, подобрување на стандардот на вработените и модернизација на армијата. Една од работите која ќе се види во иднина како концепт на функционирање е смарт дифенсот или паметна одбрана, кој како нов концепт на НАТО може да најде примена и кај нас.

Се откажавте ли од проектот "АРМ мој вистински дом" кој помина со одличен одѕив?
- Не сме се откажале, напротив. Концептот го одржуваме, но сакаме да го надградиме со нови модалитети и да го адаптираме за цела Македонија, бидејќи констатиравме дека првично зацртаниот проект беше интересен само за Скопје, а не и за останатите градови. Од тие причини, одлучивме подетално да го анализираме, и веќе сме во преговори со банките да ги видиме можностите за реализација. Исто така, се размислува и за одредена форма на комбинирање со владиниот проект "Купи куќа, купи стан".

Да позборуваме малку и за стандардот на вработените. Синдикатот во одбраната излезе со обвинувања дека доцните со исплатата на дневници и другите додатоци?
- На сите мои досегашни работни позиции секогаш сум ја почитувал институционалната соработка со синдикатите. Јас се залагам тоа да биде однос на партнерство помеѓу синдикат и раководство за на координиран начин поефикасно да ги постигнеме целите, согласно можностите. Тоа што АРМ ја прави поспецифична е тоа што има јасни задачи и цели за кои се залагаат војниците. Имиџот се прави и преку нивниот јавен настап. Јас редовно имам контакти со синдикатот и секогаш им апелирам за сите прашања да седнат да разговараат со раководството, а не да испраќаат барања преку медиумите, бидејќи на тој начин, се стекнува лош впечаток. Ваквите настапи не одат во прилог на армијата. Всушност, додека јас бев на службен пат, на една толку важна мисија каде преку заслугите на АРМ лобирам прием во НАТО, тие без да разговараат со мене или некој од раководителите излегуваат во јавноста со низа обвиненија. И моите странски колеги ги читаат реакциите, а тоа може да го стави под знак прашање кредибилитетот и сериозноста на нашите заложби за членство во НАТО. Нема проблем кој не може да се сослуша и да се има разбирање.

Извор:  „Вечер“

Новинар: Елизабета Aрсоска