Премиерот Заев на средба со регионалната директорка на Светска Банка за земјите од Западен Балкан, Гелдер: Светска Банка е наш значаен партнер во спроведувањето на реформите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и заменик министерката за финансии, Ширет Елези денеска остварија средба со регионалната директорка на Светска Банка за земјите од Западен Балкан, Линда Ван Гелдер и со директорот на Светска Банка за Северна Македонија, Косово, Европа и централна Азија, Марко Мантованели.

На средбата се потенцираше одличната соработка со Светска Банка во насока на нејзино интензивирање во реализацијата на заедничките проекти на кои е воспоставена соработка и на реформските процеси значајни за зајакнување на економијата, социјалната сигурност и институционалните капацитети на државата.

Премиерот Заев ги пренесе цврстите заложби на Владата на Република Северна Македонија за справување со сивата економија, односно даночната евазија и во таа насока рече дека спроведувањето на мерката Мој ДДВ преку којашто 15% од ДДВ се враќаат кај граѓаните дава први позитивни резултати во тој правец, граѓаните покажуваат свесност и интерес да бараат фискални сметки и да пријавуваат незаконско работење на одредени правни субјекти, што претставува добар сигнал за успешноста во реализацијата на оваа мерка. 

„Се наоѓаме во значаен период за нашата земја кога го заокружуваме нашето членство во НАТО. Треба да го искористиме овој поволен период за развој на економијата, кога бележиме одлични финансиски резултати потврдени и со статистички бројки. Започнавме со реализацијата на мерката Мој ДДВ за поврат на 15% од ДДВ кај граѓаните, со кој граѓаните директно учествуваат во зајакнувањето на домашната економија. Макроекономската финансиска стабилност и параметрите на раст ги потврдуваат добрите перформанси на економијата. Пензискиот фонд е стабилен, има пораст на плаќањето на социјални придонеси како резултат на отворањето на нови работни места и порастот на платите. Цврсто определени сме за борба против сивата економија и корупцијата и за јакнење на правосудството како важни предуслови за привлекување на нови инвестиции. Светска банка е наш значаен партнер во спроведувањето на сите овие планирани реформи“, рече премиерот Заев. 

За наредниот период премиерот Заев најави дека ќе продолжат политиките на пораст на платите со што ќе се создадат услови и за реално зголемување на пензиите согласно очекуваните зголемени приходи во Пензискиот фонд покрај редовното законско усогласување на пензиите со трошоците за живот.