Институтот „Крсте Мисирков“ во јуни ќе организира меѓународен симпозиум за македонскиот јазик

Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ на 25-ти и 26 јуни во Скопје ќе организира меѓународен симпозиум „За македонските работи“ што Министерството за образование и наука финасиски ќе го поддржи со половина милион денари.

Министерот Панче Кралев денеска на прес-конференција информираше дека повод за симпозиумот е меѓународната актуелност на прашањата поврзани со името на Република Македонија и на македонскиот јазик, а се очекува учество на 50-ина македонисти од САД, Европа, Австралија и Јапонија.

- Целта на симпозиумот е да се презентираат релевантни податоци за Македонија и за македонскиот јазик од историски, јазичен, ономастички и културолошки аспект, преку научно-истражувачка работа на реномирани европски и светски научници чиј предмет на научен интерес се македонскиот јазик, литература и култура како непосредни обележја на македонскиот идентитет, рече Кралев.

Во наредниот период Министерството планира да бидат испечатени десетина научни дела од познати академски автори.

Директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Веселинка Лаброска истакна дека странски научници, македонисти ќе зборуваат на теми значајни за македонскиот идентитет.

- Македонскиот идентитет е неспорен факт, посебно постоењето на македонскиот јазик како посебен ентитет во големото семејство на словенските јазици, но и во балканскиот јазичен сојуз. Нешто што одамна е постулирано и е поставено во рамки на науката, посебно на славистиката и на македонистиката, додаде Лаброска.

Нагласи дека вековната традиција на македонскиот јазик треба постојано да се повторува за да стигне, рече таа, до високите политички кругови и тие да го сфатат како реалност.

- Со оглед на фактот дека нашиот јужен сосед има проблеми околу именувањето на нашата татковина и јазикот сметаме дека треба посебно да го истакнеме фактот дека македонскиот е јазик кој има навистина долготрајна, милениумска традиција на постоење, рече Лаброска, нагласувајќи   дека македонските дијалекти биле основата на словенската писменост.