Три компании заинтересирани за менаџирање со ТИРЗ Тетово

Три компании, две од Турција и една од Норвешка, доставија понуди на тендерот за менаџирање со Технолошко индустриската развојна зона (ТИРЗ) Тетово по принципот на јавно-приватно партнерство. Искуство со менаџирање со зони имаат норвешката и една од турските компании.

- Комисијата за евалуација на тендерот во наредните две недели треба да ги разгледа понудите и да одлучи која од компаниите ќе се квалификува за втората фаза што ќе почне да се спроведува од 1 април годинава. Квалификуваните компании ќе имаат рок од 40 дена за доставување на конечните понуди, рече министерот за економија Ваљон Сарачини на денешната прес-конференција.

Тој прецизира дека доколку се биде во ред до средината на идната година би можеле да бидат готови првите фабрики што ќе функционираат во зоната во Тетово.

- Технолошко-индустриската развојна зона Тетово се простира на површина од 94 хектари и во неа во првата фаза е планирано да се изградат 25 до 30 индустриски објекти во кои се предвидува да се отворат до 7.000 работни места. Се предвидува зоната со целата инфраструктура да чини околу 300 милиони евра. Државата треба да ја направи клучката на автопатот Тетово-Скопје за полесно поврзување на зоната до која сега води регионалниот пат Тетово-Желино, како и целата надворешна инфраструктура, додека концесионерот ќе биде задолжен за внатрешната инфраструктура, појасни Сарачини.

Директорот на Дирекцијата за Технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо истакна дека предност на менаџирањето во развојните зони по принципот на јавно-приватно партнерство е што концесионерот може предвреме да ги изгради објектите и да им ги нуди под кирија или за продавање како готови на потенцијалните инвеститори.

Тој посочи дека Економскиот совет на вчерашната седница ги разгледувал динамиката и акцискиот план за реализација на изградбата  на ТИРЗ за 2012 година во кој влегуваат активностит е за довршување на целата инфраструктура и се што е потребно за инвеститорите во зоните Скопје 1, Скопје 2, Штип и во останатите седум ТИРЗ.

- Очекуваме некои од компаниите заинтересирани за инвестирање во ТИРЗ до средината  на годинава да донесат одлука за која се надеваме дека ќе биде позитивна за Македонија, рече Мизо.