Општините ќе добиваат половина од концесиите за водните ресурси со предложените измени на Законот за води

Зголемување на приходите на општините со промени во распределбата на надоместокот од издадени концесии за користење на водните ресурси за производство на електрична енергија се предвидува со измените и дополнувањата на Законот за води.

Предложените измени кои се усвоени на вчерашната владина седница, како што информира денеска на прес-конфенренција министерот за животна средина и просторно планирање Абдулаким Адеми, ќе се одвиваат постепено и тоа до 31 декември 2015 година од остварениот приход од концесиите на општините ќе се уплаќаат 25 отсто од надоместокот, а во централниот буџет 75 проценти. Од 1 јануари 2016 година општините ќе добиваат половина од уплатениот надоместок од концесиите за користење на водените ресурси.

- Ваквото постепено зголемување на надоместокот кој ќе припадне на општините се прави со цел тие да можат да ги изградат своите капацитети во однос на управувањето со водите и спроведувањето на Законот за водите. Сметаме дека надоместокот од концесиите за општините ќе претставува значаен придонес во нивниот буџет со кој тие ќе можат да располагаат и да го користат за потребите на граѓаните на локално ниво, истакна Адеми, појаснувајќи дека до сега сите средства одеа во државниот буџет.

Со отпочнување на изградбата на планираните хидроцентрали во Македонија и со измените на Законот за водите, Владата, рече тој, ќе обезбеди редовен извор на средства за општините со ко ќе се зајакне нивната финансиска самостојност.

- Овие средства ќе овозможат подобрување на инфраструктурните објекти за водоснабдување, одведување и третман на отпадните води, а преку редовните приходи што ќе ги добиваат со предложените измени на Законот за води ќе им се овозможи на општините самостојно да управуваат со проекти и да ја обезбедат потребната локална контрибуција при аплицирање за донации, додаде министерот Адеми.