Управниот инспекторат ќе ја контролира мобилноста во администрацијата

Инспекторите од Државниот управен инспекторат преку редовни и вонредни контроли ќе проверуваат дали се прават злоупотреби при процесот на мобилност на вработените во администрацијата. 

Механизмите со кои ќе се следи  мобилноста и  деталните измени на законите за јавни и за државни службеници со кои беше овозможен тој процес денеска пред директори на јавни претпријатија и институции од внатрешноста на државата ги презентира министерот за информатичко општество и јавна администрација Иво Ивановски.

Со согласност  на двајца функционери  процесот на мобилност во администрацијата овозможува   преземање на вработени од една во друга институција на иста позиција.

- За да нема злоупотреба на овој систем имаме редовни состаноци да информираме кои се измените и механизмите со кои ќе следиме доколку има потреба, како и дека целта на овој модел е да се направи баланс во администрацијата  од  оние институции каде има суфицит на кадар за да  им се излезе во пресрет на оние каде има дефицит на кадарот, изјави по средбата министерот Ивановски.

Конкретно, додаде, ако  има повеќе правници од една институција  тие да се префрлат во институција во истата општина или не подалеку од 60 километри.

Ивановски со директорот на Државниот управен инспекторат Ромео Деребан ги информирале првите луѓе на јавните преторијатија и за регистерот за јавни службеници којшто го води МИОА,  за надлежностите на Агенцијата за  администрација каде доаѓаат поплаките за вработувањата во државната  и јавната администрација и на Државниот управен инспекторат.

- Согласно надлежностите инспекторатот ќе врши редовни инспекциски  надзори на сите институции кои вршат  јавни овластувања, а ќе врши и вонредни  надзори таму каде ќе добие сознанија дека не се почитуваат  определени одредби од законите, најави Деребан.

По одлуката на Уставниот суд  и покренатите иницијативи за уставноста на  законската одредба за добивање статус на државни службеници на вработените во здравството, културата и во јавните претпријатија, Ивановски уверува дека со законите кои се во процедура ќе се надминат недостатоците.

- Со законот за здравствена заштита што е во собраниска процедура она за што Уставниот суд кажа дека  недостига  е направено и се  испочитувани тие одредби. Кога ќе се изгласа законот тогаш сите ќе бидат детално информирани кои вработени  во здравството  ќе бидат опфатени со Законот за државни службеници. Истото се случува и со законот за култура, којшто неодамна помина на владина процедура и е испратен во собраниска, и таму се  знае кои се уметници, кои се опфатени со законот за јавни службеници, а кои не се, рече Ивановски.

Тој очекува Уставниот суд да не го оспори опфаќањето на вработените во јавните претпријатија соп Законот за државни службеници и појаснува дека точно е разграничено кои лица ќе бидат опфатени, а кои не.