Јанакиески: Доделени се 4.600 решенија за легализација на дивоградби



Доделени се 4.600 решенија за легализација на дивоградби од стапувањето во сила на Законот за третман на бесправно изградени објекти, а вкупно се поднесени 90 илјади барања. Ова го објави денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески по доделувањето решенија за легализација во општината Шуто Оризари.

Во целата држава се регистрирани околу 350 илјади дивоградби или делови од дивоградби. Јанакиески повторно апелира до граѓаните и правните субјекти кои имаат дивоградби да достават барања за легализација и да не чекаат на последниот ден од истекот на рокот на 3 септември.

Општинската администрација, пак, според Јанакиески, треба да излезе во пресрет на зголемениот број барања што се очекуваат во следниот период и да воспостави двосменско работење, како и работа во саботите.

Општините, апелира Јанакиески, треба да формираат мобилни екипи кои на терен ќе ги информираат граѓаните за деталите околу легализацијата. Најголем број барања за легализација има во скопските општини, како и во Битола, Прилеп и во Штип, а зголемување на бројот на пријавите во следниот период се очекува и во останатите општини, информира министерот за транспорт.  

Тој повтори дека не се размислува за продолжување на рокот за доставување барања, туку за казнување за тие што нема да го направат тоа. Посочи дека почетокот на процесот за легализација е краткотрајна процедура од три минути. Граѓаните за почеток треба да достават само барање и тоа да им биде архивирано во општините, укажа Јанакиески и појасни дека геодетскиот елаборат, единствениот документ за кој е потребно повеќе време, може да го достават и подоцна.

Во Општина Шуто Оризари Јанакиески додели седум решенија за легализација и изврши увид во начинот на кој се спроведува Законот за третман на бесправно изградени објекти, по информациите во јавноста  дека таму постапките се бавни.

Во таа општина, според градоначалникот Елвис Бајрам, досега се поднесени 1.150 барања за легализација, а 30 предмети веќе се решени. Очекува удвојување на бројот на пријавите во наредниот период. Во оваа општина се евидентирани околу три илјади дивоградби, а според градоначалникот општинските власти ќе излезат во пресрет на граѓаните и администрацијата ќе работи и во саботите. Воедно ќе се оди на терен за да се апелира да се испочитува рокот за доставување барања и граѓаните да добијат детални информации за целиот процес.