Груевски: Владините мерки во туризмот ги даваат ефектите, во најава и нови странски инвестиции

Владините субвенции за тур-операторите и рекламните кампањи на светските ТВ - канали почнаа да ги даваат ефектите преку зголемениот број странски туристи во земјата.  Владата во следниот период посебно ќе се фокусира на развој на туризмот, изјави премиерот Никола Груевски по денешната посета на Вевчани.

- Туризмот добива една нова димензија затоа што е зголемен бројот на странски туристи. Според проекцијата и според реализацијата досега над 20.000 странски туристи ќе го посетат Охрид и пошироко, Македонија. Покрај посетата на Охрид, новитет е тоа што туристите што доаѓаат во Македонија сакаат да посетат и многу други места и добро е што тоа се случува. Тоа е извор на вработување на многу луѓе, прилив на девизи, реклама за Македонија, градење имиџ, но ова во голема мерка придонесува тоа што Владата од минатата година почна да дава субвенции за тур-операторите да носат туристи од странство и тоа даде свој ефект. Тоа е во самиот зародиш и ние ќе продолжиме и ќе го засилиме во иднина. Почнаа да доаѓаат ефектите и од тригодишното рекламирање на Република Македонија на меѓународни телевизии, а претходно и во весници, рече премиерот Груевски.

Тој потсети дека во повеќе од 20 земји има реклама за Македонија како туристичка дестинација и како дестинација за правање на бизнис.

- Јас во една прилика кажав дека потребни се минимум 10 години, секоја година да оди таква реклама за Македонија, но еве веќе во третата година почна да се чувствува ефектот од тие реклами за кои имавме доста критики зошто се даваат пари за реклами. Но, веќе оваа година се чувствува тоа, има дополнителен бран на туристи што укажува на тоа дека почнаа да доаѓаат ефектите од рекламите, додаде Груевски.

Покрај ова, посочи тој, Владата предвиде и многу други проекти.

- Пред неколку месеци почна проектот со кој се овозможува градби на хотели на државно земјиште со почетна откупна цена од едно евро што стимулираше повеќе луѓе само во овој краток период да излезат на тендер и да купат место за хотел. Таа пракса ќе ја продолжиме и во иднина. Има голем интерес. Кога има многу хотели самите хотелиери се трудат да донесат што е можно повеќе туристи. Тоа е придонес за севкупната економија и во местото каде што е хотелот, но и пошироко каде што одат туристите, рече премиерот.

Најави оти од среда ќе почне да работи нов Комитет за туризам во Владата кој лично ќе го води и во кој ќе бидат сите министри, директори и државни функционери кои на некој начин имаат врска со туризмот. Покрај постојаните членови, ќе има и непостојани. Комитетот ќе се состанува еднаш на месец и пол два и ќе ги договара стратешки важните работи за развој на туризмот во Македонија.

Прашан за оценка за странските директни инвестиции во последниот период, Груевски оцени оти како што светската економска криза попушташе од почетокот на оваа година се повеќе се гледаа претходните напори правени за време на светската криза за кога ќе попушти кризата тогаш да почнат да доаѓаат нови инвеститори и, вели, веќе неколку компании почнаа да градат фабрики.

- „Кенекс електроник“ од Америка почна градба на фабрика за електронски делови и „микро процесори“ во ТИРЗ во Скопје, а пред неколку дена тоа го направи и руската компанија од фармацевтската индустрија „Протек“. Тоа е веќе петта фабрика што се гради во Технолошо-индустриската развојна зона „Бунарџик“. Кон крајот на овој месец или на почетокот од другиот најавена е уште една крупна мултинационална компанија која планира да почне со градба на нова фабрика, а во најава се уште неколку од кои две во Штип, но и во други краеви од државата. Се чини дека работите во тој правец тргнаа во една добра насока, рече Груевски.

Тој додаде оти во моментов интересеот е насочен кон она што се случува во светот, кон еврозоната и кон Америка бидејќи, оцени, постои ризик од нова рецесија, што секако би се рефлектирало и во Македонија. Изрази надеж дека европските и светските лидери овојпат ќе најдат начин тоа да се избегне.
- Доколку се случи нова светска криза, тоа би било уште еден удар за нашата економија. Штотуку излеговме од една, и доколку ни се случи друга ќе биде несреќна околност за сите наши напори да ја придвижиме економијата. Но, се уште има надеж дека лидерите на најмоќните земји во светот ќе најдат начин да го избегнат или значително да го ублажат тоа што ќе ни овозможи со наши напори во Македонија да постигнеме добри резултати и да ги постигнеме очекувањата што ги планиравме во нашата Програма, истакна премиерот Никола Груевски.