Прва седница на Комитетот за туризам

 

С О О П Ш Т Е Н И Е

 

Со цел да се зајакне фокусот и поддршката на Владата за развој на туризмот во Република Македонија, како и да се обезбеди навремена реализација за Стратегијата за развој на туризмот и на проектите од програмата на Владата од оваа област, Владата формираше Комитет за туризам, кој денеска ја одржа конститутивната седница.

Комитетот за туризам ќе ги дава потребните насоки и ќе ги разгледува политиките, мерките и проектите кои имаат за цел унапредување на туристичката инфраструктура и промоција на Република Македонија како атрактивна туристичка дестинација во странство. За таа цел, на една од следните седници на Владата ќе биде доставен акционен план со чекорите кои што ќе бидат преземани од надлежните институции во насока на реализација на Стратегијата за развој на туризмот.

Со Комитетот за туризам претседава претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски. Потпретседатели на Комитетот се заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, г-дин Владимир Пешевски, и заменик претседателот на Владата и министер за финансии, г-дин Зоран Ставрески. Во Комитетот членуваат министерот за економија, министерот за транспорт и врски, министерот за култура, заменик на министерот за економија, државниот секретар во Министерството за економија, раководителот на сектор за туризам во Министерството за економија, директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, како и претставник на Министерството за надворешни работи надлежен за економија и туризам.

Комитетот е планирано да заседава еднаш месечно, а на неговите седници ќе се повикуваат и претставници од стопанските и туристичките комори, туристички работници, професори и други експерти од областа на туризмот, кои ќе имаат можност да ги даваат своите предлози, сугестии и иницијативи од оваа област.