Средба на премиерот Груевски со адмирал Џејмс Ставридис, командант на Здружената оперативна команда на НАТО

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска оствари средба со Командантот на Здружената оперативна команда на НАТО во Неапол, адмирал Џејмс Ставридис.

На средбата стана збор за повеќе аспекти од взаемната соработка помеѓу Република Македонија и НАТО, при што од страна на претседателот Груевски беше истакнато дека зачленувањето во НАТО останува еден од највисоките приоритети на Владата на Република Македонија.

Претседателот на Владата го информираше својот соговорник и за реформските процеси кои што се спроведуваат во Република Македонија согласно приоритетите и стандардите на Европската унија, а во однос на разликите за името наметнати од Република Грција беше истакнато дека Република Македонија останува целосно посветена на процесот што се води во Обединетите нации, изразувајќи отвореност за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение.

Од страна на адмиралот Ставридис беше истакната силна благодарност за учеството на Република Македонија во мировните мисии на Алијансата, при што беше подвлечено дека Армијата на Република Македонија целосно ги исполнува стандардите на НАТО.

Двајцата соговорници заклучија дека Република Македонија и НАТО алијансата делат исти вредности и дека во следниот период треба да се продолжи со зајакнување на взаемното партнерство и соработка.