Седница на Комитетот за реформи во јавната администрација

 

С О О П Ш Т Е Н И Е

 

Комитетот за реформи во јавната администрација при Владата на Република Македонија, денеска(четврток, 13.10.2011 година) одржа состанок на кој се разгледуваше Стратегијата за реформи на јавната администрација и акционите планови за нејзина имплементација.

Комитетот ги разгледуваше модалитетите за унапредување на системот за оценување на вработените во јавната администрација, при што беа акцентирани можностите за вертикално оценување од страна на непосредното раководно лице на организационата единица, вертикално оценување на раководното лице од лицето што работи за него, како и можностите за хоризонтално оценување на административците од страна на колегите кои извршуваат слични работни задачи во рамките на службата. Оние вработени кои што се во директен контакт со граѓаните, ќе бидат оценети и од граѓаните. Комитетот донесе препорака да се предложи систем кој го определува оценувањето и тој да биде разгледан на владина седница.

Комитетот го разгледа напредокот на државните институции и органи за имплементирањето на системот за размена на документи по службена должност за потреби од значење за граѓаните. Само за потсетување, ова значи граѓаните повеќе не се  обврзани да ги обезбедуваат дополнителните документи за определена потреба, туку дека со самото поднесување на иницијален документ за определена потреба, државните институции и органи ќе имаат обврска да ги обезбедат сите останати потребни документи кои ги издаваат други органи и институции.

Комитетот го разгледуваше и прашањето за понатамошно унапредување на проектот Е-владеење, кој беше позитивно оценет од страна на Европската комисија, во насока на унапредување на можностите и перформансите на системот за уште поефикасно и поефективно сервисирање на јавните потреби.

Комитетот разгледуваше и останати прашања во насока на изградба на модел за професионална, деполитизирана и стручна администрација, со особен осврт на прецизирање на системот на влез и кариерен напредок на административците, преку системот на компетенции, знаења и вештини.