Претставенa првата брачна двојка згрижувачи во СОС Детско село

Во СОС Детското село денеска беше промовирана првата брачна двојка згрижувачи на деца без родители и родителска грижа. Брачниот пар кој има едно биолошко дете презема обврска за уште шест деца од СОС Детското село.

На промоцијата присуствуваше и министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски кој истакна дека ваквата форма на развој на згрижувањето во СОС Детското село ќе придонесе за зголемување на квалитетот кон децата кои останале без родителска грижа или се деца без родители. Досега таму беа згрижувани деца со згрижувачи мајки, а ова е првиот пар згрижувачи мајка и татко.

- Очекувам дека овој позитивен пример ќе ги мотивира и другите во Република Македонија да се пријават и да станат згрижувачи во форма на брачен пар. Она што значи прикажување емотивност и грижа за децата и сензибилизација на јавноста затоа што само со такво општествено функционирање можеме да предизвикаме успех, истакна Ристовски.

Семејството ќе добива секојдневна помош и поддршка од стручниот тим на СОС Детско село, составен од еден социјален работник, двајца педагози и психолог.

Брачниот пар Ивица и Силвана Тушевски вели дека добро функционираат и оти нивниот биолошки син бил прифатен како брат.

Компанијата Евроинс осигурување додели парична помош од 70.000 денари, средства кои ќе бидат доволно за покривање на семејниот буџет на едно дете во текот на целата година.