Олеснување на процедурите за отворање нови рудници со најавениот закон за минерални суровини

Законот за минерални суровини ќе претставува одлична можност за скратување на многу процедури за доаѓање до лиценци, дозволи за минерални суровини. Ќе се воведе електронско надавање за права на лиценци за истражување и експлоатација, ќе се забрзаат и упростат процедурите бидејќи сега се посложени. Целта е да се овозможи на инвеститорите на побрз и полесен начин да доаѓаат до истражување и отворање на нови наоѓалишта за минерални суровини и за рудници, изјави денеска премиерот Никола Груевски.

Тој одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на Лабораторија за дигестивна ендоскопија на Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија, истакна дека законот е во финална фаза на подготовка.

Со законот предвидено е да се формира геолошки завод чија цел ќе биде истражувања за нови рудни и минерални богатства во РМ.

- Проценката е дека Македонија има многу неистражени области и оти многу од нив имаат значајни количини руди и минерални богатства, но отсуството на државна институција, како што е завод за геолошки истражувања ги намалуваше можностите за истражување сега со негово формирање ќе продолжиме поактивно да вршиме истражување. За детални истражувања се отвораат конкурси се пријавуваат компании што вршат истражувања и доколку има доволни количини пронајдени во истражувањето се врши експлоатација, истакна премиерот.

Посочи дека Македонија нуди многу можности кои треба да се искористат, а ќе значат и отворање нови работни места.