Пуштена во употреба Лабораторија за дигестивна ендоскопија на Клиниката за гастроентерохепатологија

Премиерот Никола Груевски и министрите за здравство и за образование и наука Никола Тодоров и Панче Кралев денеска пуштија во употреба Лабораторија за дигестивна ендоскопија на Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија.

Според Груевски, се работи за најсовремена лабораторија за дигестивна ендоскопија, која е една од клучните работи што и се потребни на Клиниката, а чија вредност е 850 илјади евра.

- Лекарите укажаа на тоа дека со набавката на досегашната опрема покриени се сите потреби на Клиниката. Огромен дел од нив или воопшто ги немале или пред пет-шест години биле веќе вон употреба. За еден дел од нив ќе треба и дополнителна обука, но за голем дел нема да има потреба, бидејќи се доволно обучени, истакна Груевски.

Опремата, додаде тој, ќе биде корисна за многу работи вклучувајќи колоноскопии, гастроскопии, интервенции во случај на малигни заболувања во абдоминалниот дел.

- Се работи за најсовремена опрема што воопшто во моментов може да се најде во светот која што е набавена на оваа клиника и таа ќе ги опслужува практично граѓаните од цела држава. Преостанува уште за кусо време да пристигне и ренген апаратот што е нарачен преку јавната набавка каде што се вршат и дополнителните набавки за болницата „8 Септември“ и тоа е во некоја подлабока фаза. Тие имаат во моментов таков апарат, но е доста стар, се набавува  новиот, најави Груевски.