Остварени работни средби на министерот Попоски во Брисел

За време на посетата на Брисел, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, на 23. март 2012. година, во Брисел, оствари работни средби со министерот за надворешни работи на Република Србија, Вук Јеремиќ, со министерот за надворешни работи на Кипар, г-ѓа Ерато Козако-Маркулис, со советникот во Европската служба за надворешна акција и олеснувач во дијалогот помеѓу Белград и Приштина, Роберт Купер, како и со комесарот Кристалина Георгиева, одговорна за меѓународна соработка, хуманитарна помош и одговор на кризи.

На средбата со српскиот министер за надворешни работи, Вук Јеремиќ, министерот Попоски честитајќи го статусот на Србија на земја-кандидат за членство во ЕУ, ја истакна подготвеноста за засилена билатерална соработка во контекст на евроинтеграцијата, како и важноста за напредок во пристапниот процес кон ЕУ за сите земји од Балканот. Од страна на министерот Јеремиќ беше реафирмирана неговата кандидатура за Претседател на 67. Генерално собрание на ОН, при што беше побарана поддршка од страна на Република Македонија.

За време на разговорот со советникот во Европската служба за надворешна акција и олеснувач во дијалогот помеѓу Белград и Приштина, Роберт Купер, министерот, Попоски го поздрави постигнатиот договор за претставување на Косово на состаноците на регионалните иницијативи. Притоа, информираше за подготовките за Претседателството со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, коешто Македонија ќе го преземе од Србија во јуни 2012. година. Беше разговарано и за неодамна отпочнатиот Пристапен дијалог на високо ниво меѓу Република Македонија и Европската Комисија, при што Купер ја поздрави посветеноста и конструктивниот пристап на Владата на Република Македонија.

Средбата со комесарот Кристалина Георгиева се оствари во рамките на церемонијата која по повод пристапувањето на Македонија во Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, се одржа во Европската комисија. Комесарот Георгиева укажа дека со приклучувањето кон Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, Република Македонија се поврзува со мрежата на Унијата за справување со катастрофи и со тоа добива пристап до ресурсите на ЕУ за справување со широк спектар на катастрофи. Министерот Попоски истакна дека е од голем интерес за Република Македонија можноста која ја дава Механизмот за размена на знаења, најдобри практики и проток на информации при реакција на големи итни случаи во Европа и пошироко.

На средбата со министерот за надворешни работи на Кипар, г-ѓа Ерато Козако-Маркулис, се разговараше за приоритетите на кипарското претседателство со Европската Унија, кое почнува на 1. јули 2012 година. Министерот Маркулис истакна дека проширувањето на ЕУ со земјите од Балканот ќе биде меѓу врвните приоритети на кипарското претседателство, при чија реализација првенствено ќе се раководат од поширокиот европски интерес. Министерот Попоски ја реафирмираше заложбата на Република Македонија за што поскоро отпочнување на пристапните преговори во насока на зачувување на кредибилитетот на политиката на проширување на Унијата. Исто така, заеднички беше констатирана корисноста од унапредување на билатералните односи и комуникација.