Груевски: Македонија со најниски даноци се бори против поскапувањето на бензините

Зголемувањето на цената на нафтата е настан на светско ниво со кој сите граѓани се соочуваат, а наша предност е што имаме најниски даноци во Европа и цврсто држиме до тоа да не ги зголемиме, иако цела Европа го направи тоа. Македонија обезбедува подобра клима за своите граѓани отколку што тоа се случува во другите држави, изјави премиерот Никола Груевски  одговарајќи на новинарско прашање на пуштањето во употреба на реконструираната делница Раштак - Црешево, која е дел од патниот правец Раштак - Сингелиќ во општина Гази Баба.

- Се обидуваме во едни вакви непријатни констелации во Европа и во светот да обезбедиме колку што е можно помали давачки за граѓаните кон државата, кои Македонија, за разлика од другите држави кои драстично ги зголемуваат даноците во овој период, ниту може да ги промени, ниту да биде во поинаква ситуација од другите земји, рече Груевски.

Тој посочи дека речиси сите земји во ЕУ во изминатиот период го зголемија данокот и со тој данок ја оптоваруваат цената на бензините, како и сите други цени. Некои од неодамна ги зголемија стапките и до 27 отсто,  а дури 25 земји во Европската унија ги зголемија даноците во последните две години. 

- Исто така, персоналниот данок на доход во најголем број од државите е повисок отколку во Македонија, а имаме и најнизок данок на добивка во Европа, истакна Груевски, додавајќи дека остануваме една од малкуте земји кои во овие, како што рече, тешки времиња на глобална криза, на европска должничка криза, издржува со ниски даноци, дури и со дополнителни намалувања.

Премиерот Груевски потсети дека кон крајот на минатата година се намали и данокот за помалите компании кои имаат до три милиони евра годишен приход, а извршени се намалувања и на пензиското и здравственото осигурување.

Споредено со останатите земји, во Македонија има најевтин дизел, односно 1,22 евра, Албанија, 1,33, Бугарија 1,34, Грција 1,58, Србија 1,41, Хрватска, 1,36, Германија 1,56... Потрошувачката на дизел горивата во Македонија е трипати поголема од потрошувачката на бензините.