Премиерот Заев за сочуваниот статус на Охрид во УНЕСКО: Работевме и успеавме, одговорноста е на сите да продолжиме по овој пат

Премиерот Зоран Заев на седницата за пратенички прашања во Парламентот повика на одговорно однесување од сите во државата кон Охрид како природно и културно наследство, заштитено од УНЕСКО, откако Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, на 44-та сесија во Фуџи, Кина, донесе одлука природното и културно наследство на Охридскиот регион да не биде впишано на листата на светско наследство во опасност.  

„Сите институции, посветено работевме, денес да ја имаме шансата, односно да создадеме аргументи, да не биде Охрид прогласен под опасност од страна на УНЕСКО. Денес успеавме. Тоа мора да ни биде мотивација и обврска Охрид да го развиваме со усул, водејќи грижа за ова богатство, кое е првиот тригер за привлекување на туристите во Охрид и во Струга. Ја имаме одговорноста сите да продолжиме по тој пат“, повика премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, ги поздрави напорите на градоначалникот и на Советот на Општина Охрид, за сериозните и одговорни чекори.

„Важен ни е Охрид, важна ни е Струга, Охридскиот регион, затоа што тоа е наша обврска и пред светот, не само пред нас овде. Со одлуката, Комитетот за светско наследство на УНЕСКО го препознава и уважи напредокот на Република Северна Македонија и напредокот на Република Албанија во насока на зачувување и исклучителната универзална вредност на Охридскиот регион и одлучи двете земји да добијат повеќе време со цел да ги исполнат препораките кои произлегуваат како реактивни мониторинг мисии и одлуки на Комитетот, создадени од претходно. Северна Македонија и Албанија, со оваа одлука се обврзаа да донесат заеднички стратешки план за рехабилитација на регионот и дополнително да го подигнат нивото на билатералната заштита и управувањето со светското наследство“, додаде премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, укажа дека оваа одлука не значи дека работата е завршена, иако, како што рече, таа значи верификација за тоа што е направено во последните неколку години, со оглед дека извештаите од 2014, 2016, 2017, кои биле правени со мониторинг мисии јасно укажуваат на девастацијата наназад, а во последните години исто укажуваат на сѐ што e постигнато.

„Успех е донесувањето на планот за управување со охридското крајбрежје, изградбата на колекторот и продолжување на доизградбата на канализационите притоки, пречистителните станици, конечно влегување во клинч со расчистување на плажите што не е благопријатен процес, но е со цел унифицирање и враќање на плажите онака како што УНЕСКО тоа го предвидува и дозволува, на начин на којшто ќе се договорат општинските власти, државните институции и граѓаните. Денес плажите се целосно прочистени од дивоградбите, од бетоните, од железата, сето тоа кое што беше констатирано во извештаите од одземањето на парцелите на МПЦ-ОА заради мегаломанството на Субрата Рој поддржано од тогашните власти, до носењето морски песок на крајбрежјето на Охридското езеро и целосно извитоперување на природното наследство, уништувањето на културната традиција и наследство и во делот на 365 цркви, џамии и сите верски објекти, што се меѓу причините за негативните извештаи“, посочи премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, рече дека Владата на Република Северна Македонија силно ја поздрави одлуката на Комитетот и останува цврсто посветена на зачувување на статусот светско наследство, за природното и културно наследство на Охридскиот регион.