Во Битолско пуштен во употреба локалниот пат Долно Оризари - Карамани - Трн

Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски денеска го пушти во употреба локалниот пат Долно Оризари - Карамани - Трн во општина Битола во должина од 6,5 километри, што е дел од проектот на Владата за реконструкција на регионални и локални патишта.

- Изградбата и реконструкцијата на патиштата е меѓу врвните приоритети на Владата. За да се реконструира овој пат, Владата обезбеди 13,2 милиони денари, рече премиерот Груевски во поздравниот говор.

Тој посочи дека новиот пат е значаен за жителите на трите населени места бидејќи меѓусебно ги поврзува и воедно го олеснува транспортот до централното градско подрачје.

Премиерот нагласи дека од проектот за реконструкција на регионалните и локалните патишта за општина Битола се предвидени вкупно 2.162.000 евра за изградба на 11 локални патишта.

- Три од нив се веќе завршени, шест се во градба и реконструкција, а за два наскоро треба да се објави тендер за избор на фирма која ќе ги гради, рече премиерот Груевски.

Морам да напоменам, додаде, дека реализацијата на досегашните проекти и плановите за иднина немаше да бидат комплетни доколку ја немавме поддршката на локалната самоуправа и градоначалникот Владимир Талески.

- Соработката со градоначалникот Талески е доказ дека „заедно можеме и повеќе“ што беше нашиот главен слоган на претходните избори, порача Груевски.

Директорот на Агенцијата за државни патишта Наташа Волкановска потсети дека Владата обезбеди 60 милиони евра за реконструкција на локалните и 70 милиони евра за регионалните патишта ширум Македонија.

- Досега се реконструирани 130 локални патишта, а годинава ќе бидат завршени уште 120. Исто така се реконструирани 11 регионални делници со должина од околу 300 километри, а за годинава е предвидено да се реконструираат уште четири регионални патни правци. Воедно ние сме фокусирани на доизградба на Коридорите 8 и 10, и на автопатиштата, како и на изградба на нови регионални и магистрални патишта, рече Волкановска.

Таа посочи дека на локалниот пат Долно Оризари - Карамани - Трн екипите на градежното друштво „Гранит“ поставија нов асфалт во должина од 6,5 километри и додаде дека досега само во општина Битола за реконструкција на локални патишта се потрошени околу 430 илјади евра, обезбедени од Владата.

Градоначалникот на општина Битола Владимир Талески нагласи дека без соработка со Владата не ќе можеше да се реализира и проектот индустриска зона „Жабени“ во кој веќе има најавено 26 инвеститори и од кого се очекува да го реши најгорливиот проблем останат од минатото, невработеноста во Битола.

Тој нагласи дека со помош на Владата досега е завршена реконструкцијата на патиштата Битола - Пешево, патот до селата Велушина, Олевани, Братин Дол, како и патот од клучката на главниот пат Доротино, Горно Српци, Рамна и Лера. Дополнително, како што рече, ќе бидат реконструирани и патиштата до селата Крстоар, Лавци, Буково, Горно Оризари - Крклино, Кукуречани - Црнобуки, Граешница - Кишала и Кажани - Ѓавато.