Агенцијата за млади и спорт и Мисијата на ОБСЕ ја лансираа кампањата „Прекини го кругот – Омразата не е твој стил“

Агенцијата за млади и спорт на Република Северна Македонија, во соработка со Мисијата на ОБСЕ во нашата земја ја започна кампањата за подигање на јавната свест насловена „Прекини го кругот – Омразата не е твој стил“ која ги повикува младите да преземат акција против нетолеранцијата и омразата.

Дизајнирана да одговори на негативните наративи поврзани со сите форми на нетолеранција, кампањата има за цел да влијае на општествениот дискурс на позитивен начин, не само меѓу младите, туку и во општеството како целина.

На промоцијата на кампањата, на која говореа директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски, национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка Роберт Алаѓозовски, и амбасадорот Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, беше истакнато дека кампањата „Прекини го кругот – Омразата не е твој стил“ е комплементарна на владините политики за поддршка на Северна Македонија како мултиетничко и општество на различности, на отфрлањето на насилството и дискриминацијата, на зајакнување на јавната свест – особено кај младите – за штетните ефекти од дискриминацијата, говорот на омраза и криминалот од омраза, и на промоцијата на критичкото размислување и за подигање на свеста за негативното влијание на стереотипите и предрасудите.

„Денешната кампања е комплементарна на владините напори и има три главни цели. Првата е да придонесе за прифаќање на мултиетничко и општество на различности, како и отфрлање на насилството и дискриминацијата. Втората е да се зголеми јавната свест – особено кај младите – за штетните ефекти од дискриминацијата, говорот на омраза и криминалот од омраза. И трето, да се промовира критичкото размислување и да се подигне свеста за негативното влијание на стереотипите и предрасудите“, рече амбасадорот Клеменс Која, Шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје за време на официјалниот старт на кампањата.