Царовска на промоција на нова опрема и дидактички материјали за потребите на основното училиште со ресурсен центар „Д-р Златан Сремец“

Инклузијата во образованието не е чин кој може да се заврши со една активност или пак во неколку чекори и за одреден временски период. Тоа е процес кој континуирано трае, а за чие спроведување и унапредување одговорноста е заедничка на сите општествени чинители и таа постојано се подигнува, што гарантира подобра иднина за секој ученик со било каква попреченост да може да го развива и реализира својот потенцијал.

Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска за време на денешната посета на основното училиште со ресурсен центар д-р Златан Сремец“ каде беа промовирани нова опрема, дидактички и сензорни уреди и алатки наменети за поквалитетно образование на учениците со попреченост. 

„Задоволна сум што во последните 3-4 години значително е зголемена општествената одговорност, но и инвестициите за подигнување на степенот на инклузивност на националниот образовен систем и очекувам така да биде и во следниот период, затоа што секое дете заслужува еднаков пристап до квалитетно образование согласно личните потреби. Отстапки можат да постојат за било што друго, но никако за прашања поврзани со најдобрите интереси на учениците“, рече Царовска.

Министерката истакна дека во оваа тековна година посебните училишта се трансформираа во основни училишта со ресурсни центри кои даваат сериозна поддршка на општинските основни училишта каде има инклузирани ученици со посебни потреби, а потсети и дека за прв пат ангажирани се 500 образовни асистенти кои се обврска на државата и за нивниот ангажман средствата целосно се обезбедуваат преку буџетот на МОН.   

„Во 2021 година обезбедивме 59 милиони денари за образовните асистенти, а за 2022 година предвидовме 218 милиони денари. Бројот на образовни асистенти не е конечен, доколку потребата се зголемува секако дека ќе излеземе во пресрет и ќе се објават дополнителни огласи за вработување“, информираше Царовска. 

Министерката рече дека МОН презема и крупни чекори за подобрување на пристапноста и достапноста на образовниот систем за сите ученици, со посебен акцент на учениците со попреченост. Нагласи дека од оваа година обезбедувањето на пристапноста е задолжителен услов кој  треба да се исполни за добивање на финансиски средства за адаптација, реновирање или изградба на училиште со средства од МОН. 

“Секако дека е важно и да имаме соодветни учебници, адаптирани на потребите на учениците со попреченост. Затоа и одлучивме да почнеме со етапно воведување на материјали за учење во основното образование кои согласно новата Концепција, освен печатени, достапни се и во електронска верзија, аудио формат, како и напишани на Брајово писмо“, рече Царовска, додавајќи дека на основните училишта со ресурсен центар годинава им се доделени 2,5 милиони денари за набавка на опрема и дидактички средства во функција на поддршка на инклузивното образование.

Потсети и дека министерството има посебна категорија на стипендии за ученици со посебни потреби кои се доделуваат со години наназад, но и дека во поново време финансиска поддршка се обезбедува и преку други извори, односно проекти во кои учествува и граѓанскиот сектор. 

Опремата и дидактичките материјали набавени за основното училиште со ресурсен центар „Д-р Златан Сремец“ се во вредност од 1 милион денари. Средствата се обезбедени од Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ преку проектот „Инклузија на деца со посебни образовни потреби“, кој пак е поддржан од Детската фондација „Песталоци“.