Владиниот економски тим на средба со делегација на ЗЕЛС – Предизвиците со кои се соочуваат граѓаните се заеднички, Владата е отворена за дискусија за изнаоѓање на најсоодветни решенија за нивно надминување

Дел од министрите од Владиниот економски тим, предводени од заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, придружуван со министерите за финансии Фатмир Бесими, економија, Крешник Бектеши и локална самоуправа, Горан Милевски, денес остварија средба со делегација од Заедницата на единиците на локална самоуправа, која ја предводеа претседателката и градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска и потпретседателите, градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, а во која беа и градоначалниците на Теарце, Нухи Незири, градоначалникот на Радовиш, Ацо Ристов и извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ.

Претставниците на ЗЕЛС ги изнесоа предизвиците со кои се соочуваат локалните самоуправи, поврзани со економската и енергетската криза и побараа поддршка од Владата, за да истите бидат полесно надминати.

Вицепремиерот Битиќи и претставниците на Владата посочија дека за секое прашање, кое е важно за граѓаните се води отворен дијалог и притоа ја истакнаа отвореноста за соработка со единиците на локална самоуправа за заедничко надминување на тековните предизвици. Сите теми кои се важни за граѓаните, за нормално функционирање на општеството треба да се дискутираат и да се најдат најсоодветни решенија кои се во општ интерес.

На состанокот, се согласија предизвиците со кои се соочуваат единиците на локална самоупрва да се елаборираат детално, да се направат соодветни  анализи и да се предложат соодветни решенија за нивно надминување.