Тренчевска: Граѓаните се на прво место, достапноста и ефикасноста на стручните лица се значајни во испораката на правата и услугите кон нив

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска оствари средба со директорите на Центрите за социјална работа на ниво на држава, на која се разговараше за потребите и предизвиците со кои тие се соочуваат и нивното понатамошно успешно решавање и надминување.

На средбата се разговараше на повеќе теми кои се опфатени во делокругот на работењето на Центрите за социјална работа. Старателството, интегрирано водење на случај и неговата имплементација, подготвеноста на Дневните центри за лица со попреченост во време на пандемија, како и интегрирање на социјалните случаи како активни учесници на пазарот на трудот.

„Граѓаните се на прво место и достапноста и ефикасноста од страна на стручните лица се особено значајни во испораката на услугите и правата кон граѓаните. Центрите за социјална работа се најважната алатка во функционирањето на системот за социјална заштита", истакна Тренчевска.

Таа посочи дека целта не е само влез на граѓаните во системот на социјална заштита, туку нивно интегрирање како активни учесници на пазарот на трудот и нивно извлекување од сиромаштија. На тој начин покрај тоа што го намалуваме бројот на корисници на социјална помош, им помагаме на овие лица активно да се вклучат во општеството и самостојно да функционираат. Заеднички беше заклучокот дека соработката и поддршката продолжува и понатаму за да се создаде општество кое се грижи за оние на кои им е тоа потребно, со акцент на најранливите категории на граѓани.

На средбата се разговараше и за функционирањето на шелтер центрите, состојбата со семејното насилство изминатиов период и згрижувачките семејства. Заеднички беше заклучокот дека соработката и поддршката продолжува и понатаму за да се создаде општество кое се грижи за оние на кои им е тоа потребно, со акцент на најранливите категории на граѓани.